Национализмот е како поплава. А за време на поплава водата најпрво навлегува во подрумите и на површината излегува сета нечистотија, особено шупливите нешта и фекалиите.
Националистите секогаш се фалат со нешта од кои разумните луѓе се срамат.
Тие додека пливаат на површината се сметаат себе си за спасени, за поумни од другите, за избрани од Господ па дури и за способни да им го покажуваат патот за спас во време на таа поплава на сите доволно шупливи и лесни да испливаат на површината.
Од подрумите на некои партии, портали и телевизии во такви времиња излегуваат на површина најшупливите нешта. И тие најмногу загадуваат. Реата од нив станува неподнослива.
Ако земјата не е подготвена во такви времиња да го заштити населението од се што испливува на површината можни се зарази и големи страдања.
Оттука се што треба да направат граѓаните во такви случаи е да ја сфатат опасноста и да се организираат за заедно со фекалиите и нив да не ги однесе поплавата.
Во време на таква поплава многу луѓе гледаат сеир. Се чудат по малку на тоа колку големи фекалии испливале на површината но не превземаат ништо бидејќи само се гаделе од нив и не можеле да ги гледаат. Затоа дел од тие фекалии преживуваат и се појавуваат одново при некоја следна поплава.
А до тогаш седат во некои мрачни места и од таму шират страв меѓу луѓето за излегување на светлина. Нивната филозофија е дека од надвор за нив и за земјата доаѓаат сите опасности, не е време за “храбри одлуки” подрумите се безбедно место додека не навлезе водата во нив и оние различните од нив се сомнителни па треба по можност и да им се забрани да говорат и да се избркаат.
За нив е важно е да се дружат само со уникатните како нив во надеж дека со следната поплава на национализмот тие ќе испливаат на површината и светот ќе ја почуствува реата од нив што ја нудат како врвен мирис.

ФБ став на професорот Ѓорѓи Спасов