Утрината дури два пати згазнав на сонцето од Вергина или Кутлеш, сеедно, затоа што клетите предавници од СДСМ уште не стигнале да го избрусат од сите канализациски шахти.
Да се крстиш во тој симбол и да ги прогласуваш сите за предавници затоа што не се идентификуваат на таков начин со него, а притоа неговото врежување на капаците од канализациските шахти низ цела држава да го прогласиш за врвен патриотизам, е безобразлук од невидени размери и неверојатно понижување на самиот историски симбол и на сите што им ја продаваш на овој начин оваа приказна.
Поранешниот градоначалник на Крива Паланка со грст навреди кон актуелниот вели дека отстранувањето на ѕвездата од плочките на плоштадот пред општината е подол, злосторнички и предавнички чин. Не, Арсо. Ти не требаше воопшто да го ставаш тој симбол таму, затоа што и самиот велиш дека БЕШЕ, (многу кусо време), знаме на Македонија. Речиси 30 години не е. Сега е неформален симбол на ВМРО ДПМНЕ и тоа јасно треба да се каже. Не ѝ е местото и на црквата на влезот од општината на истиот тој плоштад, јас би рекла општинскиот двор. Црква изгради човеку пред општината!!! Да не зборувам за пицеријата, односно комерцијалниот дел во истиот општински атар.

Емилија Лазаревска