Национализмот е штетна општествена појава, алатка секогаш достапна на владејачките структури и моќните елити во борбата да освојат што поголема народна поддршка за нивните идеи и политики. Национализмот го разорува општественото јадро, како и секој обид за креирање на здраво општество, зашто оние општества коишто се подложни на националистичка доминација и националистички владин дискурс, тие ја охрабруваат или во најмала мера одобруваат етничката дискриминација, нетрпеливост, предрасудите на етничка основа и на тој начин овозможуваат маргинализација на малцинските етнички структури, неможност за нивна општествена интеграција и така генерираат структурно базирана етничка омраза.

Национализмот како владејачка идеологија беше особено доминантен во периодот од 2006-та до 2016-та година, за време на владеењето на Никола Груевски и неговиот коалиционен партнер Али Ахмети. Груевски и Ахмети беа долгогодишни соработници во управувањето на македонската држава, но и двајцата бесрамно и безобразно пропагираа етнички национализам, супремација на нивниот етникум врз етникумот на другиот, а сето тоа го подгреваа и поддржуваа со изградба на споменици коишто имаа за цел да сведочат за големината и храброста на нивните нации, во чија функција беа речиси сите нивни политики. Сето ова придонесе кон се поголем расцеп, реториката „ние“ и „тие“ стана практика и овие два најголеми етникума беа осудени на неможност за соживот.

Но, оваа темна деценија, кога македонското општество беше заробено во синџирите на националистички дискурс, корупција, криминали, авторитарно владеење, доживеа своја катарза во општественото движење популарно наречено „Шарена револуција“, коешто почна на денешен ден пред четири години. Ова движење ги смени оските на приоритет на граѓаните, ја потцрта нивната улога во политичките процеси, но најмногу од сѐ влијаеше врз граѓанската одговорност. Бидејќи како во психотерапијата, така и во општеството, одговорноста – иако не е синоним за промена, го носи пациентот односно граѓанинот до почетокот на промените. Шарената револуција беше протест против владеењето на тогашната коалиција. Беше израз на наднационална и надетничка еманципација на граѓанинот, негово ослободување од стегите на национализмот.

Целата колумна на Климентина Ѓорѓиоска за ЦивилМедиа прочитајте ја на следниов ЛИНК.