Време е за одлука – сите дистрактори да се тргнат од јавната сцена.
– Оние што критикуваат и обвинуваат без аргументи /аргумент е секое тврдење засновано на евиденција од бројки /статистики и релевантни извори.
– Оние што шират лажни вести и поттикнуваат страв и паника меѓу луѓето.
– Оние што прашуваат, одработувајќи нечии агенди, со тенденција да ги обезвредат напорите и акциите на професионалците во првите борбени редови.
– Оние што тешко се носат со ситуации на неизвеснот, немање контрола, и недоверба во одлуките на другиот
/системот/.
Има два вида дистрактори, едните се умислени на „важна“ задача, желни за внимание, некомпететни, одмаздољубиви и психопатски настроени. Другите се преплашени, и самите во паника. Треба да ги разликуваме, но и двете групи се штетни и треба да се следат и држат по страна од јавниот дискурс.
Оваа мерка треба да се донесе веднаш, со цел консолидирање на сите конструктивни снаги, ресурси и капацитети на заедницата во надминување на кризата, особено кога се очекува таа да се зголемува, а сеуште сме далеку од крајот.
Меѓу водечките дистрактори се партиските војници и нивните лидери од опозицијата кои продолжуваат со својата агенда на антипропаганда на секоја одлука и акција на кризниот тим, неговото водство и останатите ангажирани професионалци.
Партиите имаат простор да ги искажат своите забелешки во Владата, во која рамноправно членуваат сите заедно, и таму да ги понудат своите конструктивни идеи и видувања. Јавниот простор треба потполно да се исклучи за себе-промоција на било чија партија и партиски идеи. Тоа бара партиите да се подложат на најстрога (само)дисциплина.
Медиумите и новинарите, во најразлични улоги /од прес известувачи, репортери до водители/ се наредниот ешалон, директно заслужни за масовно ширење на дезинформации и паника. За нив мора да има уште построги санкции, и затворања.
Тука се и фејсбук сезнајковците, исклучително вешти во ширењето паника, што од незнаење, страв, потреба од контрола, или мајтапење, но и заради одмазда, омраза.
Сите овие групи немаат никаква одговорност за последиците од непромислени, панични реакции кај голем број луѓе во заедницата, меѓу кои има огромен број невидливи, високо ризични поединци, со суицидални идеи и обиди, очекувани за услови на долготрајни кризи.
Вонредната состојба може да биде решение и за сите појави на ширење паника, зашто овозможува брзо донесување одлуки, и лесно препознавање и проценка на нивната штетност по успешно раководење со кризата. Дури и по цена на ограничување на слободите, таквата одлука, во овие услови, има оправдување. Во споритвно цената ќе биде многу повисока.
Лина Ќостарова – Унковска