Еден ден, некој ќе дојде пред портите на умот и силно ќе затропа со дршката од остриот меч на вистината. Во ерата на пост-вистината, политичарите веќе одамна не се потпираат на аргументи, туку на манипулации и провокации на емоциите кај луѓето. А тоа, политичката и квази експертската паланка кај нас го усовршува секој ден, до граници на неизлечива болест.

Оди Тито на оној свет и го среќава Хитлер. „Еј камарад Тито, како си? Како е на Земјата? Што се случи по мојата смрт?“ Тито го одмерува и мрзоволно му одговара на еден од најголемите злотвори во човековата историја: „Како да ти кажам… Нашите Југословени одат во Германија да работат, а Германците доаѓаат на нашето море да одмараат.“ Таман Тито тргнува да му го сврти грбот и да замине, кога Хитлер возбудено и радосно воскликнува: „Вундербар! Прекрасно! Па за тоа и јас се борев!“

Толку од хуморот, сега да продолжиме „малку“ посериозно.

Со сиот ризик дека некој ќе ми го одрече правото да говорам и пишувам за земјата во која сум се родил, живеам, работам и придонесувам, ќе го дадам својот прилог кон јавната дебата која се покрена деновиве по интервјуто со премиерот Зоран Заев. Да, ми се случило да ми кажат дека јас, бидејќи не сум етнички Македонец, немам право да дискутирам за македонското минато, сегашност и иднина, под изговор дека тоа се идентитетски прашања. Но тоа е друга приказна, уште потревожна од оваа. Сакам тука да дадам неколку мои лични оценки и опсервации, по повод интервјуто, но и за работите пред и потоа.

ЕМОТИВЕН, КАКО И СЕКОГАШ

Заев беше емотивен, како и секогаш. Активисти, новинари, дипломати, случајни минувачи, за него ќе посведочат дека секогаш е непосреден и искрен во своите одговори, им се предава на своите чувства и сака да ги одговори сите прашања, па и оние за кои ни малку не е подготвен, иако најчесто покажува дека е сестрано и добро информиран. Сепак, на моменти е брзоплет и знае да откине некоја „зелена“, како што вели и самиот, а за што секогаш и без исклучок нуди искрено признание, извинување и исправка, што е исклучително ретко во светот на политичарите. Тоа што е искрен, на некој начин, му штети како на политичар и јавна личност, но го прави човечен и близок до луѓето.

Таков беше и во интервјуто за БГНЕС. Искрено, ама навистина искрено и до крај, одговори на сите прашања кои се тешки и деликатни, иако тој некако прави да изгледаат лесни и едноставни. Од неговите изјави се гледа дека е извонредно добро информиран, а тешките процеси и настани во историјата ги „преведува“ на едноставен начин, со секојдневен говор. И гледа решение за секој проблем. Ведар, позитивен, искрен, без калкулации за сопствениот политички рејтинг, Заев уште еднаш покажа обединувачки, модерен и европски дух, исфилтриран низ ситото на македонската добродушност и помирливост. Со неколку гафови (ние сме источен сосед на Бугарија), но со многу добри поенти и реалистични гаранции и аргументи, тој уверливо говореше дека нема потреба од загриженост на било која страна од непотребно подигнатите тензии и ѕидови меѓу двете земји.

Што кажа Заев? Деновиве, неколку илјади пати е преџвакан и толкуван секој збор од интервјуто, па можеби ќе мислите дека и јас ќе се впуштам во „длабокоумни анализи“, но бидете спокојни, ова не е „апологија“ на Заев (како што ќе побрзаат троловите да напишат на социјалните мрежи), туку деконструкција на лагите, глупоста и ароганцијата. И онака целата драма има поинаква позадина, која нема врска ни со македонско-бугарските односи, а со што допрва ќе се соочуваме и ќе си патиме ако не ни дојде памет на време.

ОДГОВОРИТЕ СЕ ЛЕСНИ, НИВНОТО ПРИФАЌАЊЕ Е ТЕШКО

Заев е фокусиран на сегашноста, а уште повеќе на иднината. Не ги одбегнува прашањата на минатото, но нив ги гледа како основа за градење заедничка иднина, а не како причина за раздор. Решил човекот да решава проблеми, а не да ги создава или да ги става под тепих. Дали тоа е толку неприфатливо? Или е неверојатно?

Целата колумна на Џабир Дерала за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.