Вмровскиот лидер го оцени извештајот на Европската комисија како лажна вест. Со тоа тој некако радосно го прифати наследството на Груевски поврзано со неговите антизападни тиради.

Има една песна од легендарниот албум на Дејвид Боуви „Low” насловена како „Always Crashing in the Same Car” (Секогаш се судирам во истиот автомобил), во која „Танкиот бел војвода” пее за тоа колку и да поминува илјадници километри на патот, гледајќи лево и десно додека вози, секогаш се судира со истиот автомобил. Некако отприлика така заликуваше изјавата од пред некој ден на вмровскиот лидер, Христијан Мицкоски, околу вонредниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Поминаа четири години од оние настани пред седиштето на Државната изборна комисија, од оние жестоки антизападни тиради на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и луѓето од неговите втори, трети и четврти ешалони. Тоа беше дел од тогашниот страв на Никола Груевски да не ја загуби власта, затоа што таа претставуваше се за него. Најпосле, сепак, ја загуби власта, потоа речиси не престана да влегува и излегува од судниците, за конечно да избега од земјата. Но наследството му го остави на оној што го наследи.

Понекогаш изгледа здодевно да се повторуваат некои работи од тоа наследство, како она писмо на Мицкоски до тогашниот висок дипломат на Стејт департментот, Вес Мичел, каде му држеше професорско предавање како ноќта била најцрна пред зората и уште редица други „гачки“ во времето пред референдумот и потоа околу уставните измени и Преспанскиот договор. Тоа беше удирањето во истиот ѕид што го почна Груевски обземен од стравот за сопствената слобода и тоа го трансферира како неприродна идеологија врз својата партија. Со изјавата околу извештајот на Европската комисија Мицкоски го почна возењето на новиот круг во кое повторно се судира со истиот автомобил. Во некоја рака може да се се каже дека има консквентност во ставовите, но да потцениш и да отфрлиш цел извештај, кој не го очекуваа со нетрпение само граѓаните на оваа земја, туку и сите земји членки на ЕУ (меѓу нив и Франција), не е само неодговорно, туку е и доказ дека неговите политички интереси и на онаа номенклатура околу него е поважна од се. Дури и од успехот на Македонија. Дополнително, во таа изјава е сместено и едно подметнување насочено кон Делегацијата на ЕУ во Скопје. Затоа, треба уште еднаш да се прочита таа изјава:

„Она што е важно, дај боже да отпочне процесот на интегрирање на Македонија во Европската Унија ќе го води нова влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ… Доколку Зоран Заев остане да ги води тие преговори тоа ќе значи дека реверзибилната методологија че биде една приказна без крај и никогаш нема да дојдеме до местото коешто одамна го заслужуваме, да бидеме дел од европското семејство. Но, среќа што ќе се случи промена по 12 април и една нова одговорна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе реформи и ќе ја однесе Македонија на брза лента онаму каде што и е местото… Јас го прочитав последниот краток извештај којшто е испорачан од Канцеларијата на Европската Унија во нашата земја до Брисел и единствено нешто за што можам да се сложам со тој извештај е делот во кој се бара да се отпочне тој процес. Со ништо друго, за жал, не можам да се сложам, бидејќи ни оддалеку ни одблиску не ја отсликува вистинската вистина во државата”.

Прочитајте ја целата колумна на Никола Поповски за Дојче Веле на следниов ЛИНК