Процесот на споредување, па дури и изедначување на тоталитаристичките (системски) забрани со епидемиолошките (времени) рестрикции мора да има предвид многу навидум сличности но едновремено и суштински разлики коишто имаат иста „обвивка“ но јадрото е дијаметрално спротивно. Една од нив, на пример, е ноќта како сцена на којашто се одвива „претставата“. Но тоталитаристичките забрани ја користат ноќта како закрила за директна пресметка со идеолошките противници, додека за пандемиските рестрикции таа е оружје за пресметка со ширењето на вирусот. Нормално дека мерката навидум е иста, но целта е различна! Во овој „кош“ секако спаѓа и најновата – за многумина дискутабилна – мерка за следење на луѓето во самоизолација преку телефонска апликација, често нарекувана и „Големиот брат“ во времето на коронавирусот! И логично е таквите мерки да предизвикуваат загриженост кај нас, особено после сето она што (предоцна) го разбравме, а се случувало за време на стравовладата на режимот на злосторничкото здружение. Тој период сега се користи како репер и за оваа власт, иако целосно неумесно.

Или, една од битните разлики помеѓу тоталитаристичките симптоми и епидемиолошките мерки што сега ги доживуваме сите е токму – одговорноста! Поточно: свеста за одговорноста. Тоталитаристичките режими го немаат тоа чувство/свест за одговорност, инаку не би ни биле наметнувани. Иако и тие одговараат, порано или подоцна, но често и – никогаш. Сетете се само на поновата историјата и режимот на Пиноче во Чиле, па Франко во Шпанија (кој згора на се’ бил погребан во 1975 година на меморијалните гробишта од Шпанската граѓанска војна, а ексхумиран дури во октомври 2019 година и преместен на цивилни гробишта во Мадрид) итн. Од друга страна, токму свеста за одговорност пред јавноста, пред народот/државата, но и светот, ги наложува рестриктивните мерки што континуирано (ќе) ги намалуваат можностите за ширењето на епидемијата. Впрочем, таа свест за одговорност го обединува светот во овие мигови, заедно со непопуларните мерки што се превземаат.

Иако, мора да се признае, таа свест, таа одговорност, не е еднакво споделена. Е сега, прашањето е: дали некој, некогаш, ќе повика некого, на пример неколку влади во светот на „одговорност“ (но може и без наводници!) заради загрозување на здравјето и животот не само на нивните сограѓани со ненавремено превземање соодветни мерки контра пандемијата, со што автоматски се загрозува и здравјето/животот на сите луѓе на планетава? И дали тоа воопшто е возможно? Не знаеме, ама сигурно е дека во некои (ако не и во сите) земји, откако кризата ќе помине, ќе се развијат и такви дебати. А јас во случајов можам сега дури и да именувам барем три-четири, ако не повеќе, и тоа не би бил никаков мој „меѓународен“ гаф, уште помалку непристојно мешање во внатрешните работи на некоја друга земја, напротив. Дури, ме чуди како на таквите (во основа високоцивилизирани и демократски) земји – што е уште позачудувачки! – никој од компетентните маѓународни институции (ОН, СЗО и др.) не им укажуваше на пропустите и опасностите што со тоа доаѓаат не само по нив туку по целото човештво? Таквата неодговорност е најблаго речено скандалозна! Зашто, кога читате дека една Шведска веќе има околу 10 илјади заразени лица и 800 смртни случаи, ама нивната министерка за надворешни работи Ана Линде вели „(…) we do something that suits Sweeden“ (www.aftonbladet.se/nyheter/samhalle/a/lAyePy/dokument-visar-de-prioriteras-bort-fran-intensivvard), навистина не знаете што да мислите. Како да Шведска е толку себедоволна на овој свет а ние сите сме потрошлива стока? Инаку, да се корегирам: СЗО многу јасно изразила сомневање за „шведскиот пристап“ кон пандемијата односно дека е императив Шведска „да ги покачи мерките за контрола на вирусот“ (https://edition.cnn.com/2020/04/10/europe/sweden-lockdown-turmp-intl/index.html), ама таму, нели, има гоооолеми демократи кои никако не би го жртвувале шведскиот начин, но би го жртвувале – светот! И тоа е, извинете, саможивост, себичност. Истото се случува и во Канада, каде прогнозите варираат помеѓу 22 илјади и 300 илјади жртви на пандемијата. Хаос? Апсолутно!

Каква врска има тоталитаризмот со ова? Има, можеби голема, зашто мислам дека во основата на таквото (во случајов неодговорно) однесување односно инсистирањето на некакви безпоговорни човекови слободи и права дури и во вакво време, на некакви „либерални традиции“ – небаре ние другите сме се родиле во ропство и таму треба и да останеме – е токму стравот од тоталитаризмот. Или стравот дека некому од власта тоа може да му се допадне па да продолжи да го практикува? Како што кај нас се сугерира дека „Дали кога сево ова еднаш ќе се заврши, а ќе се заврши, полицијата така лесно ќе се откаже од моќта што ја има? Моќ на која ние сме се навикнале?“ (https://okno.mk/node/83857) Мислам дека тие и такви стравови се претерани, ако не и неосновани. Или, замислете што тогаш би се случувало во една Германија, ќе се врати во времето на Хитлер? Плус, нема човечко суштество, па ни животно, кое се навикнува на полициска тортура, на страв, на тоталитаризам, на тиранија… Такво нешто едноставно – нема! Но, повторно, ако сето ова го разбереме како фискултура на умот во вакви денови на изолација, тие секогаш можат да бидат полезни. Особено што ние фактички и немаме такви истражувања, не водиме такви дијалози/полемики, нема јавен дискурс во којшто ќе се разговара и за ова, без оглед кој и колку мисли дека тоа е депласирано и вон сегашниот контекст. Секоја расправа, ако е конструктивна, има цел: општеството станува помудро, колективната свест зрее!

Златко Теодосиевски