ПОВТОРНО ИЗБОР МЕЃУ НОРМАЛНОСТА И ЛУДИЛОТО: БОРБА И НАДМИНУВАЊЕ НА ПАНДЕМИЈАТА ИЛИ КОЛАПС?

Повторно се избира меѓу лудилото и нормалноста. И овојпат, во повеќедимензионалната и тешка криза предизвикана од пандемијата на Ковид 19 која го удри силно цел свет па и нас, избираме меѓу можноста да се бориме за да се надмине големата опасност со заеднички сили или – да се негира реалноста и опасноста и да се опструира решението на секој можен начин. Така беше и за време на првиот, така е и сега, за време на вториот бран.
Добро се препознаваат актерите на страна на нормалноста и на страна на хаосот, колапсот и лудилото. А доаѓаат тешки денови, ќе мора итно и брзо да се дејствува, да се носат уште потешки одлуки…
Драги пријателки и пријатели, другар(к)и, роднини, познаници, ве молам најискрено за рационално и одговорно однесување. Ситуацијата не е ниту за потценување, ниту за потсмевање, ниту е време за попување и одолговлекување, ниту за кооперациска „експертиза“. Умираат по 20 луѓе и повеќе на ден…до пред некоја година за такви несреќи (сетете се на „Дурмо Турс“) прогласувавме денови на жалост и со денови јавноста беше вознемирена. Зарем уште ќе се расправаме со лудаци кои мислат дека короната не постои?!
Време е за максимална внимателност и грижа за себе и околината, почнувајќи од најблиските. Почитување на мерките – миење раце, дистанца 2 метри, маска. Избегнување на непотребни физички контакти, групирања, седенки, кафепиења, журки…Белким не е тешко, без оглед на сите грешки и тешкотии, од сите страни, а најмногу од оние кои го шират лудилото.
Не е тешко ако изборот е тоа или целосен распад, не само на здравствениот систем, туку и на економијата, образованието, социјалната сфера…Државата и системот секако дека се должни и мора да помогнат, но и ние треба си помогнеме. Или, барем да не одмагаме.
И повторно, не заборавајте, изборот е наш. Досега, во тешки времиња, сме избрале да бидеме нормални и да одиме напред. Сме се бореле во минатото и со болести, со помош на науката а не на лагите и глупостите, сме ги победиле. Да останеме верни на себе и на нашите стремежи и – да победиме и овојпат!

ФБ статус на Петрит Сарачини