ВЕРСКИТЕ ЛИДЕРИ И ДРЖАВНИОТ ВРВ СО ЗАЕДНИЧКИ ПОРАКИ, СЕ ОБЕДИНУВАМЕ ЛИ КОНЕЧНО ВО БОРБА ПРОТИВ ПАНДЕМИЈАТА?
Во овие тешки денови, кога вирусот КОВИД-19 коси и секојдневно нè потресуваат лоши вести за голем број наши починати и заразени сограѓани, пријатели, роднини, охрабрувачка е веста за средбите на верските лидери со претседателот и премиерот на државата и заедничките пораки за почитување на мерките, внимателност и заедништво во борбата со страшната пандемија.
Овие пораки даваат надеж, особено ако ги имаме предвид начините, на кои некои верски лидери и во нашата земја и во регионот се однесуваа кон опасната зараза во изминатата година.
Не можеме да заборавиме дека некои од нив ја прогласуваа короната за „умрено“, си тераа масовни верски прослави, ифтари, причести, литии, молитви…Некои од нив го платија данокот на нивната ирационалност и не се повеќе на овој свет, а сепак таквото однесување на дел од верските институции и лидери продолжуваше, па и се засилуваше.
Да биде работата уште пострашна, мерките што ги преземаа државните институции беа користени за создавање на поделби меѓу луѓето, глупави „споредби“ и лажни обвинувања за наводна привилегираност на една или друга верска заедница, кои се прелеваа меѓу верниците и создаваа верска и меѓунационална нетрпеливост и омраза.
Дежурните хушкачи, особено на социјалните мрежи, врескаа дека државата намерно воведува ограничувања кон една, а привилегира друга верска заедница. И сето тоа, додека вирусот не прашуваше ниту за вера, ниту за нација, пол, раса, и одзеде неселективно стотици човечки животи.
Таквите обвинувања заживеаја и оваа пролет, веднаш по најавата на институциите за заострување на мерките откако бројките на заразени и починати почнаа рапидно да растат, во пресрет на големите христијански и исламски празници, кои годинава се во речиси ист временски период.
Па така, повторно, за едните мерките се за да се ограничи движењето на муслиманите за време на Рамазан и Бајрам, а за другите – дека тоа се прави намерно за да се ограничи прославувањето на Велигденските празници. Лудило.
Затоа, во време кога иднината на борбата со пандемијата и животите на многу наши сограѓани зависат најмногу од вербата во масовната вакцинација која конечно започна и кај нас и од строгото почитување на мерките, заедничките пораки на државните и верските институции треба да се поздрават и охрабрат.
Иако ова обединување и пораки доаѓаат доцна и после голем број загубени човечки животи, нетрпеливост, поделби и омраза, подобро и да е доцна, отколку никогаш. А дали оние што денес испратија обединувачки пораки ќе си достојат на зборот, ќе видиме набргу.
Ене ги и Велигден, и Рамазан и Бајрам. Да се надеваме дека ќе ги чествуваме во слога и меѓусебно разбирање, со што помалку човечки жртви, кои нè болат сите. Дали ќе биде така, во земја во која има голем процент на религиозни луѓе, во голем дел ќе зависи не само од институциите и авторитетот на државата, туку и од однесувањето и пораките на верските лидери.
ФБ статус на Петрит Сарачини