Стојко Пауновски го знам одамна. Поврзан сум со него преку мој близок роднина и отсекогаш сум имал позитивно мислење за него. За конкретниов случај, неговото објаснување зошто одбива да ги прими „рамковните“ ми звучи разумно. Меѓутоа, она што ме разочара е што Стојко не сака да ја види целата слика од малку поголема дистанца. Така повеќе може да се види. Ако го залепиш лицето на географска мапа, иако си блиску, многу малку ќе видиш.
Реакциите во јавноста ги видовме сите. Стојко доби голема поддршка.
Прво, сите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се восхитени од тоа што некој му се спротивстави на Заев.
Понатаму, Стојко доби поддршка и од сите „разочарани“ од СДСМ. Тоа се оние коишто сè уште јавно се декларираат дека се од/за СДСМ, ама нивните ставови секогаш се идентични со ставовите на Курир, Инфомакс, Ристо Никовски, Љупчо Златев и Тале од Прилеп.
Она што е ново и невообичаено за македонски прилики е фактот дека Стојко доби поддршка и од многу вистински членови и симпатизери на СДСМ. Во ред, ништо страшно. Треба да им се почитува правото на несогласување со партиска одлука. Демократско право е тоа.
Е сега, конечно да кажам зошто сум револтиран.
Забележав дека од сите што го поддржаа Стојко Пауновски, никој не понуди подобро решение за проблемот со „рамковните“. Тој проблем не го измисли Заев. СДСМ го наследи тој проблем.
Да се критикува, без да се знае подобро остварливо решение, најблаго речено не е пристојно. Тоа ми наликува на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Името не го даваат, а стратешка цел им била влез во ЕУ и НАТО. Без притоа да објаснат како ќе влеземе во ЕУ и НАТО без отстапки и компромиси. Исто и за сè друго. Секогаш кога се во опозиција критикуваат сè од власта, а никогаш не нудат подобро.
Ако сите директори го направеа тоа што го направи Стојко, знаете ли што ќе се случеше? Ќе се случеше политичка криза којашто најверојатно ќе завршеше со нова коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. После таква разврска, „рамковните“ ќе продолжеа да си седат дома. И да земаат плати.
Знам дека не е многу мудро да пишувам јавно за ова, но реално, во моментов единствени две алтернативи за власт во државата се СДСМ+ДУИ и ДПМНЕ+ДУИ. По изборите долго време беше неизвесно кој ќе формира влада. Компромиси мораше да се прават. Секаде во светот, па и кај нас, кога се формира коалиција за формирање влада компромисите се составен дел. Така е и во Канада, така е и во Германија, така е и во скандинавските земји. А јавноста знае дека една од најважните работи за ДУИ беше згрижување на „рамковните“. Ако зависеше само од Заев, сигурно немаше од Стојко Пауновски да биде побарано да ги прибере тие луѓе. Но не зависеше само од Заев. Затоа што „неутралците“ и „разочараните“ одеа со паролата „абе не гласам веќе за помалку лошиот“.
И затоа преговорите за коалиција меѓу СДСМ и ДУИ беа толку тешки и мачни.
И затоа завршија со согласност за отстапки. Вклучително и решението за „рамковните“.
Колумна на Ацо Лукароски за Фронтлајн