Елици во Христа крестистесја, во Христа облекостесја“, гласи на црковнословенски прочуената реченица од Посланицата на апостол Павле до Галатјаните (3:27). „Сите вие кои во Христа се крстивте, Христа го облековте.“ Крстените во Христа се христијаните. Затоа на омиленото прашање кај денешните словенски народи на Балканот, „чии се Светите Кирил и Методиј“, за христијаните има само еден одговор: тие се Христови! Тие се од родот Христов, тие се нов род. За христијаните „нема повеќе Евреи и Грци, нема робови и слободни, нема маж и жена; затоа што сите вие сте „едно“ во Исус Христос“, објаснува во истата Посланица апостол Павле. Бесмислено е да се прашувате што биле „по род или народност“ Светите Кирил и Методиј, особено кога сте христијанин. А балканските словенски народи се многу горди православни христијани. Доколку уште ја паметат оваа суштинска определба на христијаниниот, тие не би смееле да се однесуваат едни кон други онака како што често се однесуваат денес. Тие се прво горди Бугари, Срби, Македонци, а дури потоа христијани. Тоа, пак, е регресија во предхристијанското време. Затоа во нивното однесување е тешко да се препознае оној дух, во кој Светите Кирил и Методиј ја извршуваа својата мисија кај предците на овие народи, кои тогаш, кон средината на деветтиот век, уште не го познаваа Христа и Евангелието, затоа што немаа писменост на својот јазик. Преземајќи ја задачата која ја добија од византискиот цар, солунските браќа се вброија во редот на апостолите.

Нивното дело е многу поголемо од сета слава на денешните национални држави кои настанаа на територијата на која тие мисионираа. Вистинското славење на нивната христијанска мисија кај словенските народи е возможно само како дел на целокупната христијанска и сесловенска историја. Во оној миг кога денешните држави паметењето на Светите Кирил и Методиј го ползуваат како политичка идеологија, спорејќи дали тие биле Грци или Бугари или Македонци во модерното значење на нацијата, тие забораваат дека не само тогаш, туку и денес, за тој „што се крстил во Христа“ веќе не е главна националната определба. Христијаните се новиот „Божји народ“, тие се „Новиот Ерусалим“, како што се пее во велигденската литургија.

ППоделената христијанска црква го слави нивното дело на различни датуми, иако сесловенските апостоли Кирил и Методиј ги обединуваат двата дела на Европа. Додека гробот на Св. Методиј уште е непознат, гробот на Св. Кирил е во Сан Клементе, во една малечка црква во Рим, која е многу значајно сведоштво за раното христијанство во Европа. Политичарите на словенските народи одат секоја година на поклонение на гробот на Св. Кирил во Рим, небаре тој е на „туѓа“ територија. Неколкуте мермерни плочи на ѕидот во криптата, каде порано почиваа моштите на светителот, се тажни белези на разединетоста на словенскиот свет, во кој секој народ се обидува да ја употреби неговата слава за да ја прикрие својата минорност во светот. Моштите на Св. Кирил од пред неколку години почиваат во олтарот на црквата. Ќе се видат ли во Рим македонскиот и бугарскиот претседател во духот на христијанската љубов и мирот што го дарува само верата во Бога, когаритуално заедно ќе се поклонат пред светите мошти на Свети Кирил? Ќе станат ли конечно свесни дека и тие треба да делуваат во сесловенски и сеевропски контекст? Тие што во себе го чуваат жив заветот на Христовата љубов, не се однесуваат кон Ближниот во неволја на начинот на кој се однесува бугарската политика кон Македонците, но и кон духовното наследство на ЕУ. Ќе сознаат ли двајцата претседатели дека писменоста што ја создадоа Светите Кирил и Методиј не смее да стане трофеј на ничија државна национална кауза? Тие политичари и народи на Балканот кои веќе го заборавиле сехристијански контекст во создавањето на словенската писменост, не го разбираат ниту духот на Европа, врз кој се издигна идејата за обединета Европа.
Целата колумна на Кица Колбе за Дојче Веле на следниов ЛИНК.