Ете, толку траат гордоста и достоинството што ја вратија Македонија повторно да биде твоја. По големата изборна победа, не помина ниту еден месец, а веќе почнаа деновите на отрезнување и болно соочување со реалноста. И кај претседателот на државата Гордана Сиљановска Давкова и кај победниците што ја делат власта и кај идниот премиер Христијан Мицкоски во полн ек се подготовките за меко спуштање на земја.

Неверојатно, но тоа во случајов е и најдобрата работа што треба да ја направат. Затскриено од домашната јавност веќе се испраќаат пораки до Брисел и Вашингтон дека Македонија останува на европскиот пат. Патем, срамежливо се намигнува и на комшиите Грција и Бугарија. По јавни и тајни канали патуваат информациите дека првите јавни настапи со прескокнување на додавката „северна“ од уставното име беа само за домашни потреби како вообичаена инерција од предизборната кампања и од еуфоријата по големата изборна победа, за да нема брзо разочарување кај мнозинството кои веруваа дека ќе се исполнат ветувањата за подобри договори со соседите и спасување на изгубеното достоинство.

Ќе треба да помине малку време па ќе им се дообјаснува на вознемирените комшии дека остануваат во сила договорите и ќе бидат спроведувани како што се усвоени и ратификувани во Собранието. Ќе следуваат и уставните промени. Разликата ќе биде во тоа што нема да бидат по диктат на Бугарија, Франција, цела ЕУ и Америка, туку по наш сопствен диктат бидејќи е обезбедено двотретинско мнозинство во Парламентот. Ќе следува повторно период на толку посакуваната стабилократија, кога се има апсолутна власт и можат да се донесат сите одлуки без поголеми тешкотии, колку и да се спротивни на предизборните ветувања.

Како од лагите да се направи голем успех

Останува само уште да се најде вистинската формула како јавноста во Македонија тоа да го прифати како голем успех на новата власт. Ветувањата се само ветувања  да се освои власта, дозволена стратегија на лажење во предизборните кампањи, присутни насекаде, па и во демократскиот свет. Потоа следуваат соочувањата со реалните можности.

Ќе биде многу интересен пресвртот кога ќе се стаса до неопходноста од прагматична политика каде што важат други закономерности на интереси одамна искажани со поговорката „Кај што има сила, нема правда“.

Или, кажано со поразбирлив јазик, време е да се разбере  колкава е разликата меѓу меѓународното право и правда и водење на политика на интереси и односи со посилниот. Односно, колку се разликуваат правната наука од факултетските катедри и амфитеатри од пливањето во барата полна со крокодили.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го постигне лесно тој пресврт кај рајата од лажните ветувања да направи успех. Во револуционерната политичка партија се велемајстори за пропаганда. Тоа им е стекнато од стогодишното наследство како да успеат да се придобијат мнозинството граѓани. Секогаш, низ сите историски периоди, најдобар пример за тоа се пресметките со измислените предавници на националните интереси. На истиот начин со години беа претставени во јавноста и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, само што сега предавниците и непријателите нема да бидат во власта, туку во опозиција.

Највозбудливи, секако ќе бидат реакциите, ако воопшто ги има, на тие што длабоко размислуваат и гледаат далеку во иднината, а на кои треба да им се верува без приговор. Тоа е нашата интелигенција, нашите научници, историчари, академици, писатели, поети, медиуми, деловни луѓе… кои здушно застанаа зад лажните партиски тиради и тревоги за изгубениот идентитет на Македонецот, за името на државата, за оспорената националната припадност, за откорнатиот јазик, за украдената и фалсификувана историја. Што ќе кажат сега сите тие кога сето што е договорено ќе се потврди со усвојување на уставните измени и ќе биде спроведено така како што е предвидено во договорите и како што е според Уставот и законите? Многу едноставно, тоа што не е оспорено во договорите, како македонската национална припадност, македонскиот јазик, македонската држава, а во домашната јавност е претставено како предавство и загубен идентиет, ќе биде прогласено како извојувана победа. Демек, еве ние ја вративме повторно Македонија да биде твоја.

Што мислите, колку ќе бидат жестоки реакциите на интелектуалните првоборци, дури ако се појават и полоши условувања, како што веќе се најавуваат од Грција, а нема да зачуди и од Бугарија, предизвикани од првите постапки на носителите на гордоста и достоинството? Најхрабрите ќе молчат како никогаш да не предизвикувале пожари и тензии кои направија ненадоместлива штета и огромни загуби со доцнењето на Македонија да биде дел од демократскиот свет. Помалку храбрите ќе се приклучат на фалбите за вратената гордост.

Дали и Мицкоски ќе настапи како Мицотакис?

Зачудувачки, но апсурдот е во фактот што ова може да биде и најдоброто решение за Македонија. Брзо и одлучно Христијан Мицкоски да ја прифати политичката стратегија на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој, како опозициски лидер, во предизборната кампања собра многу поени со ставот дека грчката влада и премиерот Алексис Ципрас извршиле велепрадавство на грчките државни интереси, го продале името Македонија, македонскиот јазик и македонска национална припадност на северниот сосед. За веднаш по стапување на премиерската функција Мицотакис прагматично да изјави дека Преспанскиот договор е штетен за Грција, но дека грчката влада ќе го прифати и ќе го спроведува, со можност да се подобри во интерес на Грција.

Останува да видиме дали нашите новоизбрани власти му сервираа таква можност на Мицотакис и грчката влада за „подобрување“ на договорот во интерес на Грција  со своите први настапи премолчувајќи ја инфантилно додавката од уставното име. За тридневната гордост може да се плати висока цена од непроценливата штета.

Најлошата работа што не може целосно да се исклучи, иако е најневеројатна, е владата на ВМРО-ДПМНЕ да ги спроведе своите предизборни ветувања и да ги оспори постигнатите договори со соседите и натаму да ги блокира почнатите преговори со ЕУ. Тоа би било најтешкиот удар што може да ѝ се зададе на Македонија во ова фаза, кога проширувањето на ЕУ поради геополитичките промени во светот станува еден ден изгледно, за другиот ден да се каже дека ЕУ е пред распаѓање. Едни високи функционери  на ЕУ најавуваат проширување до 2030 година, а други опоменуваат – ако не бидат решителни Германија и Франција во одбрана на европската демократија, ЕУ нема да постои. Се разбира и на ова треба да се гледа како на дел од прагматичната политика на интереси во обидите за спасување на европските вредности од засилената десница.

Што се однесува до нашите вечни теми и проблеми во врска со невладеење на правото, руинираниот правосуден систем, организираниот криминал и високата корупција, слабата економија, културата, стандардот на граѓаните, квалитетот на живеење, екологијата, образованието, здравството, земјоделството, демократијата, медиумите…. сето тоа е во реформите поместени како услови во преговорите со ЕУ.  На секое од тие поглавја, или како веќе се нарекуваат на чист македонски јазик бенчмаркови, секоја членка може да стави вето. Нивното успешно спроведување ја отвора вратата на ЕУ, поточно кажано ја одредува иднината на Македонија, помалку важно дали е северна, или твоја, ако е европска и е единствена држава во светот што го носи името Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ја има апсолутната власт да покаже колку ги бива. Една цела ера прокоцкаа од 2006 до 2017 година. Каква ќе биде втората, ќе дознаат тие што ќе доживеат.

Ерол Ризаов за Дојче Веле