Зачудува како политичари се сомневаат во способноста на државата да организира избори во неприродна ситуација. Што ако лекарите и медицинските сестри прифатеа ваква логика и се сомневаа во скротување на коронавирусот?

Оваа расправа за тоа кога би можеле да се одржат изборите, а гласачите да не влезат во прегратките на короната, полека се претвора во своевидна психоделиja. Сите политичари, во основа, зборуваат за исто – здравјето на граѓаните е на прво место (а што би било друго?) – само што се разликуваат кога побрзо да почне вителот на кампањата. Тоа ви е отприлика како -дали повеќе ги сакате „Strawberry Fields Forever“ и „Helter Skelter“ од Beatles или „Arnold Layne“ и „See Emily Play“ од Pink Floyd или, пак, „White Rabbit“ од Jefferson Airplane од времето кога психоделичниот рок ги доживуваше своите врвни моменти.

Се разбира дека оваа тешка здравствена и економска криза не може да се истовети со психоделичниот занес во музиката, дури тоа би било и многу злонамерно, туку дека од овој вител во кој сме навлезени мора навреме да излеземе за да не биде предоцна. Лидерот на опозицијата вели дека по никоја цена не би сакал да отиде на избори доколку поради гласањето биде загрозен нечиј живот (не дај боже, некој и да почине од вирусот) и дека неговата партија би излегла на избори само на здравствено израмнет терен. И дека граѓаните, наводно, би сакале избори на крајот на август или почетокот на септември. Шефот на владејачката партија е за излегување на избори што е можно побрзо (најраниот термин што го предлага е 14 јуни) за да се фати „празниот од“ на корона вирусот, пред тој да се врати со нов силен бран наесен.

Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче веле на следниот ЛИНК.