Проповедниците на Аврамовите (Ибрахимови) религии во Македонија, на исламот и христијанството, направија смртен грев. Не го жртвуваа овенот, туку го жртвуваа човекот. Верските великодостојници наместо почит кон животот проповедаат непочитување кон Господ, отворајќи ги вратите на божјите храмови и повикувајќи на молитиви во време на голема несреќа кога во светот беснее заразна болест и микроби кои носат смрт. Нивниот грев е непростлив и пред божјите и пред световните закони.
Искушението на кое господ го ставил Аврам да го принесе како жртва својот син Исак нашите верски поглавари не го издржаа, иако добро ја знаат божјата заповед и целата суштина на Аврамовите вери дека човекот не може да биде жртвено јагне. Животот и воскресението, кои се темелот на моноистичките религии и на Стариот и на Новиот завет, и на Библијата и на Куранот, во Македонија се погазени на брутален пагански начин, и во манастирот Бигорски, и во процесијата на св. Ѓорѓи во Струга, и во џамиите во месецот на постот, и сега со најава на бајрамските молитви и обичаи.
И во двете вери молитивите кон бога во време на катастрофи и војни можат да се извршуваат и дома и на кое било место во осама и со воздржаност, едно од највозвишените верски чуства, особено кога се големите пости и тажни и радосни денови.

Спрегата меѓу политиката и верските великодстојници е лесно препознатлива во Македонија со злоупотребата на верата за партиски цели.

Ако можеше папата Франциско сам да се моли во базиликата „Св. Петар“ во Ватикан, покажувајќи им на верниците во целиот свет колакво зло го нападнало човештво и дека е света обврска да се почитува животот на човекот, тоа можеа да го направат и нашите верски великодостојници. Ако можеше Мека годинава да ги затвори вратите за аџилак на најсветото место на муслиманите, каде секоја година одат милиони верници, ако може да се затворат вратите на илјадници џамии, катедрали и цркви со божји благослов обредите да се вршат дома, можеа и мораа тоа да го направат и нашите верски поглавари, но и световни дејци ако навистина толку ја почитуваат верата и толку многу се загрижени за здравјето на луѓето што везден го проповедаат по медиумите и во божјите храмови.

Нивните образложенија за верски слободи за време на пандемија и повикување на уставни слободи и човекови права во вонредна состојба, нивното игнорирање на верата и на изворните канони означуваат непочитување, пред сѐ на бога. Жалниот резултат на нивниот грев е новиот бран на заразени и починати луѓе. Политиката се препознава и во повиците на верските поглавари со закани несвојствени за верници, дека ако се забрани одењето во џамии и цркви ќе ги повикаат верниците со напаствија како да гласаат на изборите.

Колумната на Ерол Ризаов за Независен во целост прочитајте ја ТУКА.