За мене и после првиот пораз на локалните избори во 2017 година беше јасно дека овој тим не може да извојува победа. За тоа има повеќе причини кои се особено врзани за лидерот.

Некои велат дека големиот Алберт Ајнштајн лудоста ја дефинирал на следниот начин: Лудост е да ја повторуваш истата работа одново и одново и да очекуваш различен резултат. Некои велат дека сепак ова не е мисла од него туку од некој друг. Но, тоа и не е толку важно, важна е константата која оваа мудрост ни ја носи, иако таа има и доста варијации кои повторно водат кон истиот заклучок. Една од тие варијации на тема е уште една дефиниција според која лудост е постојано да ја повторуваш истата грешка и да очекуваш различен резултат.

Фризирани анкети

После поразот на локалните избори во кои во голема мера учествуваше истата партиска екипа на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот личен пораз како носител на листата во град Скопје, следеше негов нов пораз на гласањето за референдумот за промената на државното име, пораз во парламентот при гласањето за уставните измени, па потоа нов пораз на претседателските избори, уште еден пораз на локалните избори во Охрид и Ново село, пораз во парламентот при гласањето за двотретинскиот закон за јавното обвинителство, за на крај овој поход од порази да кулминира со најтешкиот пораз, поразот на парламентарните избори.

Неуспехот на парламентарните избори е најтежок пораз бидејќи тоа се најважните избори за секоја партија, а дополнително во случајов ја отежнува ситуацијата и тоа што лидерот лично, но и најблиските околу него го убедуваа членството дека ќе победат со 10-12 пратеници разлика во однос на конкурентскиот СДСМ.

Во нашите вмровски кругови нашироко се зборува за тоа кога лично Мицковски непосредно пред изборите на истакнати членови на партијата им презентирал „фризирана анкета“ од една агенција според коja ВМРО-ДПМНЕ убедливо води на изборите, за после изборите да „заборави“ дека ја презентирал таа анкета и на истите тие да им каже дека агенцијата која ја правела анкетата всушност ги погодила резултатите од изборите. Да знаеш дека губиш, а на членството и на блиските соработници вклучително и на бившите и актуелните пратеници да им кажуваш дека убедливо водиш сметам дека не е мудро лидерство.

Целата колумна на Никола Тодоров за Дојче веле на следниот ЛИНК.