Сметките на граѓаните за струја за март, април и мај ќе се плаќаат на рати. Регулаторната комисија за енергетика, во соработка со енергетските компании, веќе прави анализи и бара начин како да им овозможи на граѓаните овие сметки да ги плаќаат на период од повеќе месеци.

Ова за Фактор го потврди првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Тоа ќе се направи со цел да им се помогне на граѓаните да го пребродат тешкиот период на кризата која е предизвиката поради коронавирусот.

Засега не се знае колкав би бил точно бројот на ратите, но се прават напори тие да бидат навистина во доволен број и поволни за грѓаните.

Доколку кризата потрае, можно е ова да важи и за некои наредни месеци.

Исто така, голем број граѓани што беа исклучени од снабдувањето со електрична енергија, поради неплатени долгови, сега во овој период повторно се приклучуваат, со цел полесно да ја пребродат кризата, особено ранливите категории.

Плановите за рати во плаќањето на сметките доаѓа како одговор на голем број граѓански иницијативи, со кои се бара граѓаните да ја плаќаат струјата по евтината тарифа во текот на целиот ден, наместо по два часа дневно, освен во недела кога евтина струја има целиото деноноќие.

Но, воведување на евтина тарифа во текот на целото деноноќие е невозможно да се воведе, објаснува Бислимовски за Фактор. За тоа, според него, постојат повеќе причини.

„За да се воведе евтина тарифа, треба да се сменат околу 650 илјди броила. За тоа, вработените од Електродистрибуција треба да излезат на терен и да ги сменат броилата. Бидејќи, ние немаме далечинско за да ги смениме броилата, тоа не се прави од канчеларија. А факт е дека околу 200 илјади броила се внатре во самите домови, односно во ходниците, или во тремовите во нивните куќи, што значи дека е неопходен контакт со тие граѓани. Разговаравме со здравствените власти дали е упатно ова да го направиме, и оттаму ни укажаа дека тоа би било вистинска ‚темпирана бомба’, односно многу ризично од аспект на ширењето на коронавирусот, бидејќи треба да се влезе во секој дом“, објаснува Бислимовски.

Сега, вели првиот човек на РКЕ, се шири нова иницијатива, а таа е да не се менуваат броилата, туку автоматски целата струја да се плаќа по евтината тарифа. Но, мора да се има предвид економскиот момент.

Повеќе детали на Фактор ТУКА.