„На Владата не ѝ се потребни дополнителни аргументи за тоа дека минималната плата треба да биде 18 илјади денари. Таа ќе биде 18 илјади денари кога сите социјални парнтери ќе се договориме“ кажа вицепремиерот за економски прашања во Владата, Фатмир Битиќи во емисијата „Економски магазин“ на АлсатМ.

Тој додаде дека не се потребни унилатерални чекори и ултиматуми, бидејќи не може да има дијалог кога едната страна настапува со ултиматум.

„Дијалогот не препознава еднострани чекори, затоа велам дека 18 илјади денари минималната плата или поголема ќе има кога ќе седнеме сите да зборуваме. За жал, политичката консталација, енергетската и економската криза не дозволија тоа да се случи во декември. Се надевам дека од понеделник со новата министерка, ќе седнеме и ќе се договориме“ кажа Битиќи.

Тој додаде дека доколку не се случеа здравствената и економската криза уште во јуни 2021 година минималната плата ќе беше покачена на 18 илјади денари, како што тоа беше предвидено со програмата на Владата.