Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски најави неколку значајни капитални проекти кои се од големо значење за сите љубители на спортот.

Мојсовски на прес-конференција информираше дека веќе шест пливачки базени се започнати во 2020 година, а за четири во тек е тендерска документација со рок на изведба од 18 месеци. Станува збор за базени со димензии со должина од 25 метри и ширина од 9 метри.

Во иста фаза на изградба се базените во основното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во општина Ѓорче Петров, општина Кисела Вода, во основното училиште Невена Георгиева – Дуња, и во Штип во Спортскиот рекреативен центар Суитлак каде се поставени челични конструкции и фасадни панели, а во моментот се работи на внатрешно уредување. Се монтираат фасадни панели на базенот во општина Кичево со локација во кругот на училиштето „Санде Штерјоски“ и детската градинка „Ластовички.
На базенот во Битола во Основното училиште „Даме Груев“ во моментот се работи на зајакнување на металната конструкција по што следува монтирање на фасадните панели.
Во завршна фаза е и затворениот базен во Тетово каде по монтирањето на термална пумпа истиот наскоро ќе биде готов и целосно во функција.

Четири базени за коишто е отпочната тендерската постапка се во општините Карпош, Чаир, Струмица и Кавадарци.

За базенот во Струга, веќе е во тек тендерската постапка, по чиешто заокружување на законските рокови, ќе започне долгоочекуваната реконструкција на овој струшки базен во кој се одржани многу натпревари во ватерполо и пливање и беше место каде многу млади луѓе како спорт го избраа пливањето токму поради овој базен. Конечно дојде време, базенот во Струга да го врати стариот сјај и повторно да биде атракција за стружани, истакна директорот Мојсовски.
Уште еден многу значаен проект посебно за карпошани и Скопје е спортската сала Партизан во општина Карпош за која директорот рече дека АМС е посветена и за возобновување и реконструкција за што е и распишана тендерска постапка.

Партизан е симбол за спорт на карпошани ние се обврзуваме да го вратиме сјајот на партизан, некогашната култна спортска сала ќе ги живее повторно убавите мигови на спортот.Од оваа сала се излезени и прославени голем број на спортисти а веруваме дека тоа ќе продолжи и понатаму, додаде Мојсовски.