Владата на Република Северна Македонија денес го пушти во употреба првиот контакт центар наменет за поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските прашања во услови на справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Компаниите и физичките лица со јавување на телефонскиот број 02/324-8040 ќе ги добиваат сите потребни информации и појаснувања во врска со начинот и можноста за користење на економски и други државни мерки поврзани со справување со состојбата со КОВИД -19.
На LIVE Call Center – контакт линијата, која што е донација од компанијата Ассеко СЕЕ Македонија ќе одговара стручен тим на македонски и албански јазик. Кол центарот ќе работи од 8:00 до 17:00 часот од понеделник до петок, а во сабота од 9:00 до 14:00 часот.
Изминатиот период со цел полесно да се помине кризата предизвикана од коронавирусот Владата на Република Северна Македонија донесе сет економски и други мерки за бизнисот и граѓаните. За начинот и користењето на овие мерки компаниите и граѓаните ќе може да се јавуваат во кол центарот.
Како за потсетување, досега се донесени два сета на економски мерки а се во насока на поголема ликвидност на бизнисот и зачувување на работните места.
За да сочуваме што поголем број работни места обезбедуваме финансиска поддршка за компаниите и самостојните вршители на дејност:
– За исплата на плати за месеците април и мај компаниите ќе добиваат 14.500 денари по вработен.
– Овозможено е користење на бескаматни кредити за микро, мали и средни компании.
– Воведуваме субвенционирање на 50% од придонесите на плати на вработените.
– Обезбедуваме исплата на минимална плата за спортските работници и уметниците.
– Обезбедивме финансиска помош за занаетчиите и самостојните вршители на дејност.
Ги олеснивме обврските на компаниите и граѓаните за плаќање на долговите и обврските кон државата:
– Запрена е работата на извршителите до крајот на јуни.
– Создадени се услови за одложување на плаќање на ратите на кредитите за 3 до 6 месеци за што поголемиот дел од банките веќе излегоа со свои понуди.
– Ослободување од плаќање на месечни аконтациите за данок на добивка за април, мај и јуни.
– Намалување на казнената камата за јавни давачки.
– Намалување на законска затезна камата за правни и физички лица.
– Ставена е во мирување давачката за ЗАМП.
– Се запираат стечајните постапки.
За лицата коишто останаа без работа во услови на КОВИД-19 понудени се неколку видови на поддршка:
– Согласно законот за вработување и осигурување во случај на невработеност граѓаните кои останале без работа ќе остварат надоместок преку АВРМ согласно нивните години работен стаж.
– Го прилагодуваме системот на социјална заштита за брз влез на лицата кои останале без работен ангажман и биле дел од неформалната економија со цел да остварат право на гарантирана минимална помош.
За лицата во социјален ризик и корисници на други социјални права донесени се низа мерка:
– Обезбедуваме дополнителна исплата на енергетски додаток за април и мај на околу 30.000 корисници.
– Продолжува исплата на образованиот додаток за третиот и четвртиот мерен период за учебната 2019/2020 година, без потврда за редовност во училиште.
– Продолжени се и роковите за поднесување на барањата за остварување на право на еднократна парична помош за новороденче, и за додатоците за трето и четврто дете.
– Ослободување од закуп за социјални станови.
Мерки во делот на платен одмор
– Продолжено е платеното отсуство од работа поради нега и одгледување на новороденче и посвоено дете се до истек на траењето на времените мерки.
– Задолжително користење на годишен одмор во приватен сектор.
– Задолжително користење на годишен одмор во јавен сектор.
Фондови за помош за КОВИД-19
– Формиран е Фонд за туризам за поддршка на туристичките дејности.
– Се формира солидарен Фонд за КОВИД-19.
Владата продолжува да ја следи состојбата со КОВИД-19 и да носи мерки согласно реалните потреби на компаниите и граѓаните.
ПРЕТХОДНО