Заеднички и солидарно, преку почитувањето на мерките за заштита на здравјето, како и преку конкретни мерки за директна поддршка на граѓаните ќе ја надминеме здравствената и економската криза којашто ја наметна вирусот Ковид 19, пoрача денеска во видео-обраќање Јагода Шахпаска, пратеничка на СДСМ.
Со пакетот економски мерки во вредност од 200 милиони евра, што го обезбеди Владата предводена од СДСМ, се обезбедува значајна помош за препријатијата, за работниците, за занаетчиите, но и за оние што се дел од неформалната економија.
Домаќинствата кои останале без приходи или биле дел од неформалната економија имаат право на гарантирана минимална помош во висина од 4 до 10.000 денари.
За да се олеснат последиците од здравствено-економската криза, со Уредба со законска сила за примена на Законот за социјалната заштита за време на вонредна состојба, овозможен е брз пристап во системот на социјална заштита.
Износот на правото зависи од бројноста и структурата на домаќинството и се движи од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од 5 возрасни членови.
За добивање минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на приходите на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци.
Домаќинствата кои користат гарантирана минимална помош, ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците април и мај 2020 година.
Барањето за добивање гарантирана минимална помош граѓаните треба да ги поднесат до надлежните центри за социјална работа.
Дополнително, за граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот во последните 24 месеци, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Обезбедени се сериозни финансиски олеснувања, се одложува наплатата на кредити, наплата на закуп на социјалните станови, а извршните дејствија од страна на извршителите се стопирани.
Мерките што се преземаат опфаќаат помош за 250.000 работни места и 35.000 компании, како и социјално загрозените граѓани. Во духот на солидарноста помагаме на оние кои се погодени од кризата и не дозволуваме никој да не остане без приход во овие тешки времиња.
Политиките и мерките на СДСМ во изминатите две и пол години беа насочени кон создадавање на систем кој работи за граѓаните. Во духот на солидарноста, државата излегува во пресрет на сите погодени од кризата.
Затоа што само заедно, солидарно и одговорно можеме да победиме во борбата со коронавирусот и неговите последици.
Продолжуваме да се грижиме за нашето здравје, здравјето на сите граѓани и меѓусебно да си помагаме. Затоа што сите граѓани се важни! – рече Шахпаска.