Двајца возрасни пациенти со спинална мускулна атрофија тип 2 вчера на Клиниката за неврологија првпат добија нов иновативен лек рисдиплам преку Програмата за милосрдие (Compassionate Use Program), информира Министерството за здравство.

-Станува збор за лек кој е раствор за пер ос примена и пациентите ќе го примаат во домашни услови. Во селекцијата и ординирањето на лекот учествуваа науч. сор. д-р Иван Барбов, кој е директор на Клиниката и медицинска сестра Јасмина Коруновска, соопшти Министерството.
Спинална мускулна атрофија (СМА) е наследна болест на моторниот неврон и спаѓа во групата ретки болести. Според времето на почеток на болеста и клиничката слика се дели на 4 групи: СМА тип 1, 2, 3 и 4.

Во земјава досега има дијагностицирано 14 пациенти. Од нив, седум пациенти се на возраст до 18 години со СМА тип 1 и 2.
-На денешен ден, минатата година, првпат беше даден лекот нусинерсен (Спинраза) за оваа група на пациенти преку Програмата за ретки болести. Прв го прими лекот нашиот јунак Јане Велковски. За возрасните пациенти досега немаше лек, потсетуваат од Министерството заздравство.