Првата мерка од Петтиот пакет економски мерки е финансиска поддршка на плати за вработените во вредност од 1 милијарда и 920 милиони денари за февруари и март 2021 година, со опфат од околу 60 000 работници месечно, наведува премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Финансиската поддршка, како што посочува, ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании, во зависност од падот на приходите на компанијата.

-Продолжуваме да го стимулираме развојот на компаниите. Имаме сериозни и чесни компании кои инвестираат, вработуваат, придонесуваат и ја ценат сопствената држава. Но, имаше и такви кои ги злоупотребуваа народните пари. Државата секогаш ќе стои на страната на оние кои работат чесно, согласно законот, вложуваат во нови инвестиции и сопствениот развој, во развојот на кадрите и на општеството, а силно ќе се бориме против злоупотреби и против сивата економија, вели Заев на Фејсбук.