За Мицкоски е многу подобро да кажува дека нуди решенија, а да не ги открива тие „решенија“, зашто тогаш се гледа колку човекот и тие околу него немаат врска, практично со ништо. Што нуди за решавање на економската ситуација? Да се префрлат парите од вториот пензиски столб, во првиот. И втора мерка – да се интензивираат капиталните инвестиции.
За првото, не навлегувам во тоа за колку пари се работи, каде се во меѓувреме инвестирани, односно дали се достапни во моментов, и дали Грујо (со ДУИ) направил нешто слично пред десет години, туку го гледам моментот дека станува звор за приватни сметки.
Јас, верувам како и сите кои се членови на вториот пензиски фонд, секоја година добивам извештај, со моето име, Број на договор и точна сума во денар, колку пари имам таму. Исто како сметка на штеден влог, со тоа што овие пари од вториов столб, не можам да ги користам сега, туку дури кога ќе исполнам услови за пензија. А и тогаш, не во колкава сума сакам, туку во пропишани рати, како додаток на редовната пензија. Ако се потрошат целосно, ќе ги нема веќе (не се дополнуваат откако ќе бидеш пензионер), а ако останат влегуваат во наследството.
Значи, тоа е наши, лични пари, и никој нема право да прави било што со нив, без да не’ праша. Знам дека ДПМНЕ правело и сака да прави, но не би требало и не би смееле. Утре може да му текне на Мицко да рече дека предлага да се земат банкарските заштеди на граѓаните, за да се реши некоја кризна ситуација, па „ќе ги вратат со камата, кога ќе помине кризата“. Не сум сигурен дека ова би им се допаднало, дури ни на најтврдокорните (кои имаат пари во банка).
А за втората мерка – интензивирање на капиталните инвестиции, не знам каков економски гениј треба да си за да ти текне волку „оригинална“ идеја. Не се излегува со предлог „да се интензивираат…“, туку со конкретна програма: кои капитални инвестиции, за колку пари, со колку луѓе, за колку време… Вака кажано, како тоа на Мицкоски, е само тресење од ракав, кое нема да стигне подалеку од партиското седиште,
Но, она првото, може да е потенцијално многу опасно. Треба да сме свесни за тоа.
ФБ статус на Миодраг Мишолиќ







































