Историски ден! За Владата, за државата, за земјоделството, за граѓаните! Браната Конско е целосно изградена! Најголемиот водостопански објект изграден во државава последниве 20 години, и најголем капитален проект во последниве 50 години во гевгелискиот регион.
Ако се сака СЕ се може! Еве го доказот, изградена брана вредна над 40 милиони евра финансирани директно од буџетот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Ништо не не спречи, ни економска ни ковид криза. Браната Конско подразбира нова вештачка акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени минимум 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини од овој регион ќе ги зголемиме за пет пати, посочи министерот Николовски.
Освен тоа браната добива нова дополнителна вредност, со грант од Кралството Шпанија, овде за прв пат ќе бидат инсталирани пловечки фотоволтаици со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергетската независност. Планирани се и две мали хидроцентрали, ова е единствениот водостопански објект кој веднаш по завршувањето на браната започнува и со градба на хидросистеми за наводнување.
-Честитки до сите, изградивме капитален проект. Браната Конско ќе биде запишана во историските документи, и ќе биде сведок на едно време во кое приоритетите биле државнички, за доброто на граѓаните, и за иднината на сите нови генерации кои ќе ги живеат благодетите на она што ние градиме денес, потенцита министерот.
-Бев овде, на истово место, на браната Конско во 2018 година, кога го притиснавме копчето кое означи старт на градбата. Од тогаш до денес, неколку пати доаѓав на увид, го следев целиот процес, присуствував и на тестирањето на опремата, влегов и во тунелот пред да се затвори капакот и сведочев на почетокот на првото полнење на браната, за денес, да сме сите заедно овде и да присуствуваме на комплетно завршена изградба на браната Конско. Затоа, овој проект го доживувам како нешто кое за мене ќе остави траен личен печат и ќе го мапира Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како институција која изминативе седум години постигнала огромен успех во реализацијата на водостопански објекти, додаде Николовски.
Тој потсети дека со вкупно 110 милиони евра, најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето и наводнуваме 13.650 хектари земјоделско земјиште преку изградба на Хидросистемот Конско заедно со ХС Лисиче, Пепелиште и Страиште кои се градат со поддршка од германската Влада, како дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија.
Најголем бенефит ќе имаат земјоделците од општините по текот на реката Вардар а тоа се Велес, Чашка, Неготино, Демир Капија, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран.
– Но не се само овие водостопански објекти. Славишко поле, Чаушица, Конопница и Пишица се завршени, а Теарце е во завршна фаза. Во моментов речиси на целата територија на државата имаме активни проекти за модерни хидросистеми. Колибари, Пумпна станица Дебар, тековно се гради. Непречено се одвиваат работите на реализација на капиталниот проект Равен Речица и брана Речани. Годинава ќе започне тендерска постапка за нова брана, Брана Слупчане. Во тек е проектирање на Втора фаза од системот за наводнување Равен Речица, во фаза на потпишување е Договор за мал систем за наводнување во Општина Сарај. Дополнително од ИПА фондовите одобрени се уште два капитални проекти, изградба на хидросистеми за наводнување во Сопот и Новаци. Градиме и обезбедуваме вода за земјоделците, ги зголемуваме површините, го зголемуваме производството, ја зголемуваме домашната економија. Одиме напред во секој поглед, додаде министерот Николовски.