Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,61 отсто во однос на одлуката од 15 јуни.

Новите цени ќе стапат во сила од ноќеска, односно од 23 јуни во 00:01 часот.

Според одлуката на РКЕ, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 3,5 денари по литар и ќе изнесува 84 денари за литар.

Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 4 денари и ќе се продава по цена од 86 денари за литар.

Најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, чии цени се намалуваат за 7 денари по литар. Така, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 80,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 79,5 денари за литар.

Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,932 денари за килограм и ќе изнесува 42,291 денари.

Од РКЕ информираат дека намалувањето на цените е резултат на пониските референтни цени на светскиот пазар, каде што бензините бележат пад од 8,216 проценти, дизелот од 12,699 проценти, екстра лесното масло од 12,354 проценти, а мазутот од 11,352 проценти.

Од Комисијата потсетуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците со нафтени деривати имаат можност да ги формираат и пониско од определените највисоки цени.