Македонија повторно ќе биде снимена од камерите на „Гугл стрит вју“, со што корисниците ширум светот ќе добијат поажурирана и подетална виртуелна слика за улиците, градовите и природните предели низ земјата.

Од компанијата информираат дека започнува обемно обновување на снимките за „Гугл мапс“, со поширока покриеност и нови панорамски прикази кои ќе ги прикажат промените низ Македонија, објави 4news.mk

Во рамките на проектот ќе бидат опфатени околу 13.000 километри низ целата земја, вклучувајќи ги најголемите градови како Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес и Струмица, но и други населени места и патни правци.

„Гугл“ посочува дека обновените фотографии ќе овозможат поточна навигација, полесно планирање патувања и подобро откривање на локални бизниси, знаменитости и туристички дестинации.

Новите снимки ќе ги опфатат современите урбани делови, главните сообраќајници, историските локации и природните богатства. Меѓу нив ќе бидат Скопската тврдина, Аквадуктот, Камениот мост, Мостот на уметноста, како и Охридското Езеро – дел од светското наследство на УНЕСКО.

Од компанијата велат дека „Стрит вју“ им овозможува на корисниците виртуелно да прошетаат низ улици и населби, да проверат одредени рути пред патување или да истражат места што планираат да ги посетат.

При објавувањето на новите фотографии ќе бидат применети мерки за заштита на приватноста. Со помош на автоматска технологија ќе бидат замаглени лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата.

Корисниците дополнително ќе можат да побараат замаглување на одредени делови од снимките преку опцијата „Пријавување проблем“ (Report a problem) која се наоѓа во долниот десен агол на „Гугл мапс“.

Со новото освежување, виртуелната мапа на Македонија ќе добие посовремена слика и ќе им овозможи на корисниците од целиот свет полесно да ги запознаат градовите, културните знаменитости и природните убавини на земјата.

Сподели: