Насилниот упад во Собранието, три години подоцна, и натаму е резервоар на поделби и политички пресметки, платформа врз која се гради или се урива идејата за иднината на земјава, незатворена рак-рана на длабоко поделеното општество. Една од причините за тоа е и фактот дека за настаните од 27 април сè уште нема целосна судска разврска што е на линија со правната максима дека „задоцнетата правда е неправда“.

Анализата на БИРН за обвинителско-судските постапки, за овој настан покажа дека беа отворени неколку различни судски процеси, во кои кривично одговараат најмалку триесетина лица за различни кривични дела. Но, три години од тогаш, за двата најголеми случаи, за организаторите и за најмногу од извршителите сè уште нема правосилна пресуда. Дамка врз прокламираните пароли за расчистување на овој настан неповратно фрли и амнестијата за некои од обвинетите што беа ослободени од кривична одговорност. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија вратите на Собранието и ги пуштија насилниците. За разлика од некои што го демолираа законодавниот дом и физички се пресметаа со пратениците, поранешните шарени револуционери уште се влечкаат низ судовите обвинети дека ја демолирале канцеларијата на експретседателот Ѓорге Иванов, која патем одамна е затворена.

Најмалку седум судски постапки за крвавиот четврток Тековни постапки, но без правосилни пресуди за организаторите и за сите извршители на крвавиот упад во Собранието. Ова е најкраткиот опис за брзината на правдата за собраниските настани од 2017 година, три години подоцна. На 15 април, во Кривичниот суд во Скопје беше одложено судењето за предметот, кој доби неформално кодно име „организаторите на 27 април“, а во кој се обвинети Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. „Коалицијата Сите за правично судење“, која го мониторира овој предмет, соопшти дека адвокатите на обвинетите побарале одлагање поради „користење на мерките од Владата за намалување на ризикот од ширење на вирусот Ковид-19“.

Корона вирусот и вонредната состојба беа причините поради кои и скопскиот Апелационен суд во март ги откажа седниците на кои требаше да ги разгледува жалбите на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чаков, и останатите обвинети во предметот познат како „извршителите на 27 април“. Ова судење, во кое 15-тина лица добија вкупна затворска казна од 211 години, сè уште не може да добие завршница, бидејќи пресудата не е правосилна. Обвинетите ја чекаат правдата во притвор додека не се изјасни второстепениот суд. За упадот во Собранието, во различно време се водеа најмалку седум различни судски постапки, во кои, во различни стадиуми на постапката, осудени се четириесетина лица. Различни беа и квалификациите на делата, па така обвинетите одговараа од „учество во толпа“, до „насилство“ и „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Анализата на БИРН во целост прочитајте ја ТУКА