Бројките за заболени од ковид-19 и натаму се високи, што значи и дека голем дел од граѓаните и натаму се соочуваат со респираторни проблеми. Но, од денеска, и здравите и болните можат да здивнат од втората тема која доминираше во јавниот простор, пренесе „360 степени“.
Власта и опозицијата конечно се договорија. Избори ќе има на 15 јули.
За да се стигне до овој датум, власта неколкупати во изминатите месеци се откажуваше од своите „црвени“ линии упатени кон опозицијата. Според лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев, не станува збор за попуштање туку за одговорност.

Според лидерот на СДСМ, условите кои јавно ги декларираше ВМРО-ДПМНЕ-почетокот на набљудувачката мисија на ОБСЕ да биде од првиот ден на кампањата и да има посебни протоколи за гласањето, веќе биле исполнети.
Деталите за кои разговарал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се други подробности. Бидејќи 15 јули е среда, договориле денот да биде неработен. Ќе се гласа два часа подоцна од вообичаеното, до 21 часот. На 14 и 13 ќе гласаат изнемоштените, вклучувајќи ги и оние кои се заразени со ковид-19.
Мицкоски, сепак, инсистира дека се согласил на избори затоа што токму сега ги договориле деталите за мисијата на ОБСЕ и за здравствените протоколи. Својот став го образложи доцна вечерва, по состанокот на Централниот комитет на партијата.

Кој е победник, а кој губитник од компромисниот датум е прашање што му го поставивме на универзитетскиот професор и аналитичар Сефер Тахири. Според него, блага предност ќе има власта, бидејќи ковид-19 и топлото време, најверојатно, ќе значат помала излезност на оние гласачи кои немаат директен интерес да гласаат.

Тахири вели дека излезноста исто ќе влијае и во политичкиот кампус на Македонците и на Албанците. Иако мисли дека и владејачките и опозициските партии добиваат еднакви шанси за натпревар, смета дека во моментов власта има блага предност за победа на 15 јули.
„Односно сметам дека СДСМ, без разлика на неуспехот да реализира некои од програмските цели во областа на правото, на овие избори влегува со една силна „карта“ што се однесува на евроатлантските интеграции, бидејќи ние сме сега земја-членка на НАТО, на некој начин ние сме и земја која ќе ги почне преговорите со ЕУ на конкретен начин, се отвораат поглавјата за преговори со ЕУ. Ова се двата момента на кои власта ќе се обиде да капитализира. Од друга страна, без разлика на влијанието на вирусот ковид- 19, има неколку резултати во економската сфера, не би кажал дека биле одлични, но имаше постепено покачување на плати во сферата на образованието, на културата, на науката, во јавниот сектор, на овие дејности. Мислам дека ова се резултати кои не треба да се негираат. Сметам дека тоа што постои во фактичката реалност и во што опозицијата ќе се обиде да поентира, е нефункционирањето на системот на правото“, вели Сефер Тахири – универзитетски професор.
За постигнатиот договор да се реализира сепак ќе треба да се направат уште неколку чекори, а првиот веќе го направи претседателот Стево Пендаровски кој вечерва донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава.
Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на предлог на Владата вечерва, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.







































