Професорот Александар Димовски, кој ја води истражувачката лабораторија во МАНУ, по влегувањето на делта-сојот во земјата, вели дека со коронавирусот ќе се справуваме сигурно уште една-две години и апелира до сите граѓани, а особено до ризичните групи и хронично болните, да се вакцинираат против Ковид-19.

„Она што сега го знаеме со сигурност е дека вакцинацијата спречува тешка форма на болест. Дури и ако некој што е вакциниран се разболи и го шири вирусот, ќе има една блага клиничка слика, која ќе ја помине на нозе или со еден ден температура, што е апсолутно небитно за здравствениот систем, а ќе нема ниту потреба од мерки, кои буквално ја затворија државата, но и целиот свет. Тоа е апел до сите, особено до ризичните групи – да ја искористат можноста да се заштитат себе, да се вакцинираат за да ја вратиме ситуацијата во нормала“, изјави Димовски.

Тој вели дека за да се надмине ситуацијата, државата мора да дојде до 70, 80, па дури и 90 проценти развиен имунитет, или природен или преку вакцинација.

„Кога ќе се случи тоа, сето ова ќе прекине, а дотогаш ќе имаме вакви нагоре-надолу ситуации, а сите сакаме ова да заврши. Уште една-две години, најверојатно, ќе се занимаваме со ова, да се надеваме дека нема да се доведеме до онаа ситуација во која бевме, а досега сите податоци говорат дека ситуацијата ќе се подобрува, но не е завршена“, изјави тој.

Димовски не сакаше да прецизира точно колку е позаразен делта-сојот на коронавирусот од британскиот сој, но изјави дека иницијалните податоци говорат дека е прилично позаразен.

МАНУ со Министерството за здравство и со Фондот за здравство во моментот преговара за тоа како ќе се вршат анализите по влегувањето на делта-сојот во Македонија. Сега сите новооткриени заразени лица ќе се скенираат дали се заразени од британскиот сој, а другите ќе се секвенционираат.

„Ве молам, сите што сте во можност, да се вакцинирате за да се вратиме назад каде што бевме пред една и пол година“, апелира Димовски.