Годинава којашто изминува е година на постепено закрепнување по првиот удар од пандемијата. За разлика од претходната глобална криза, којашто предизвика долга и тапа болка, корона-кризата предизвика брза и остра болка ‒ со првично поголем и пораспространет ефект во однос на светската финансиска криза, но со побрзо заздравување. За 2022 година се проектира раст од 3,9%, со што економијата би го достигнала преткризното ниво, но ризици се уште постојат посочува во интервју за „Капитал” гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Досегашните остварувања главно се во согласност со очекувањата на Народната банка. Динамиката на закрепнување на економијата е солидна, а растот во првите три квартали од 4,6% е многу блиску до нашите проекции од 4,2%. За разлика од претходната глобална криза, којашто предизвика долга и тапа болка, корона-кризата предизвика брза и остра болка ‒ со првично поголем и пораспространет ефект во однос на светската финансиска криза, но со побрзо заздравување. Ова е пред сѐ бидејќи оваа криза не произлезе од нарушувањето на економските фундаменти, туку се прелеа од кризата во здравствениот систем и бескомпромисната потреба од зачувување на јавното здравје”, посочува Ангеловска-Бежоска во интервјуто.

Гувернерката вели дека банките биле значајна поддршка на реалниот сектор за време на коронакризата, што се должи на силната капитална и ликвидносна позиција на банкарскиот систем пред почетокот на пандемијата, но и брзата и силна реакција од страна на Народната банка, којашто од почетокот на пандемијата презела низа мерки за олеснување на финансиските услови во домашната економија и зголемување на ликвидноста и флексибилноста на банките.

За догодина Народната банка проектира раст од 3,9% на БДП, со што економијата во 2022 година би го достигнала преткризното ниво.

„Проценката за натамошен раст на економијата во 2022 година се темели на повеќе претпоставки, од кои клучна е заздравувањето на европската економија како наш најзначаен трговски партнер. Според најновите проекции на Европската централна банка, по растот во еврозоната од околу 5,1% годинава, за следната се проектира солиден раст од 4,2%. Тоа, заедно со поповолна ценовна конјунктура кај металите, би имало директно позитивно влијание врз нашиот извоз, а индиректно и врз други сегменти во економијата. Во поглед на домашниот амбиент, се очекува дека процесот на имунизација ќе продолжи, што позитивно ќе делува врз довербата и однесувањето на економските субјекти и нивната потрошувачка и инвестиции. Со оглед на високата капитализираност и ликвидност на банкарскиот систем, се очекува натамошна солидна кредитна поддршка на растот”, посочува Ангеловска-Бежоска.

Сепак, како што наведува гувернерката, за овие проекции постојат негативни ризици. Тоа се неизвесната епидемиолошка состојба, растот на цените на енергенсите, застојот во синџирите на снабдување во глобални рамки, но и можното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови.

Во однос на инфлацијата, гувернерката вели дека имајќи ги предвид проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизирање на цените на примарните производи догодина, се очекува дека ќе дојде до одредено стабилизирање на инфлацијата и кај нас. Сепак, цените на примарните пазари се променливи и многу неизвесни, поради што Народната банка внимателно ги следи промените кај увозните цени и факторите коишто ги придвижуваат, но и домашните фактори. Доколку се оцени дека е потребно, Народната банка е подготвена да реагира користејќи дел од монетарните инструментите коишто ги има на располагање.