Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, во вечерашното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија, директно му образложи на Трајко Славевски, еден од креаторите на економската политика во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, каква разлика во односот по прашањето на минималната плата имала власта  на ВМРО-ДПМНЕ во минатото и какви се проекциите за минималната плата на СДСМ за следните четири години.

“Мислам дека би требало да ги потсетиме граѓаните за минималната плата во времето на ВМРО-ДПМНЕ. 9 000 денари наспроти 14 500 денари која што се стремиме да ја направиме достоинствена плата за граѓаните за да ги извадиме луѓето од сиромаштија. Вие ги донесовте во сиромаштија затоа што промовиравте Белизе и оф-шор држава. Денеска Македонија троши 40 милиони евра на поддршка на домашните компании согласно планот за економски раст. Ние велиме дека во нашата програма ќе обезбедиме 600 милиони евра поддршка за домашните и странските компании во Македонија, со тоа што 300 милиони евра се обезбедени од домашниот буџет, а 300 милиони евра се од ЕУ. Тоа е поддршка на технологијата и поддршка на конкурентноста на компаниите” – истакна Битиќи.

Битиќи исто така директно го впери прстот кон Славевски како човек кој е познат по тоа што многупати го менуваше својот личен став во однос на потребата за покачување на минималната плата.

“Истиот професор во февруари повикуваше на напокачување на минималната плата, знаеме дека ВМРО ги држеше луѓето во заложништво со 8 500 до 9 000 денари минимална плата за да во април веќе професорот излезе со друга изјава зошто не сме ја покачиле минималната плата затоа што тоа било нужно како мерка за стопанството. Минималната плата секаде е дефинирана и ја дефинира државата заедно со социо-економските партнери. Републичкиот просек на минималната плата секако се дефинира со продуктивноста, но да одвоите само 1 милион во вашата програма и да кажете дека со тоа ќе ја поддржите домашната економија преку странски консултанти е навистина смешно. Тоа е мерка на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ние имаме јасен став. Минималната плата ја задржуваме на 14 500 денари до надминување на кризата со ковид-19, за да до крај на мандатот ја зголемиме до 40% односно до 20 000 денари. Се стремиме просечната плата да ја донесеме на 34 000 денари. Тоа ќе го направиме преку зголемување на продуктивноста и ефикасноста на приватниот сектор, односно преку инвестирање во таа нова развоја економија” – додаде Битиќи.