Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешната прес-конференција во Влада информираше дека буџетот за животна средина за 2023 година изнесува 978 милиони денари, нагласувајќи дека со него, МЖСПП ќе вложува во подобра иднина за граѓаните преку изградба на нови пречистителни станици, чиста вода за пиење, решавање на проблемот со отпадот и одржливо управување со природните вредности и биодиверзитетот со што ќе овозможиме заштита, но и и социо-економски развој на државата и локалните заедници.

– Во однос на проектирањето на основниот Буџетот за 2023 година, сакам да истакнам дека покрај покривање на основите трошоци за функционирање на Министерството, обезбедиме средства за справувањето со историскиот отпад во што со децении не е вложен ниту еден денар. Ние продолжуваме да инвестираме во оваа област, и покрај донаторските средства како домашна контрибуција обезбедивме 32 милиони денари буџетски средства се наменети за реализација на проектот Ремедијација на почвата контаминирана со изомери на HCH – линдан во кругот на ОХИС, истакна Нуредини.

За одржување на државниот мониторинг систем се предвидени средства во висина од 18,4 милиони денари, но тоа се средства од основниот буџет, а најголемиот дел на средставата во оваа област се обезбедени преку два ИПА проекти, од кој еден за имплементација на директивите за воздух за што се обезбедени 1,5 милиони евра и вториот за набавка на опрема за мониторинг станиците што ќе бидат иимплементирани 2023 година.

Министерот додаде дека со цел да се делува превентивно и да се спречи можно загадување на површински и подземни води од депонијата близина на Југохром, во буџетот се предвидени девет милиони и 150 илјади денари за функционирање на пречистителната станица во с.Јегуновце, а за оградување и покривање на депонија со арсен и антимон во с.Лојане, Липково обезбедени се 14 милиони денари.

– За Управување и заштита на водите обезбедени се 203 милиони денари, а за проекти на Министерството со кои ќе им помогнеме на општините во поставување на системи за третман на отпадните води 252 милиони и 120 илјади денари .Од буџетот за капитални инвестиции, за Програмата за води која ја носи Владата на РСМ се наменети 40 милиони денари, а за програмата за фосилни горива се наменети 20 милиони и 840 илјади денари. Како Министерство од буџетот за 2023г. и понатаму одвојуваме средства за санација на Колекторски систем за Охрид и Струга за да се спречи натамошно излевање на фекалии во водите на Охридското Езеро за што се планирани 40,4 милиони денари, а 7,1 милион денари за набавка на резервни делови и одржување на Хидросистемот во Дојранско Езеро, образложи Нуредини.

Министерот за животна средина и прсторно планирање наведе дека одвоени се четири милиони за Студија за валоризација на природни вредности за НП Маврово и Изработка на план за управување со НП Маврово, а три милиони денари за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје.

Тој додаде дека 56 милиони денари од буџетот за следната година се наменети за изработка на Новиот просторен план на Република Северна Македонија, а за одржување на државниот мониторинг систем се предвидени средства во висина од 18,4 милиони денари.

– Она во што имаа голем напредок е Програма за инвестиции во животната средина 2023 година. Годинава таа ќе биде проектира кон поддршка на општините. За 2023 година има видно зголемување на средствата за оваа програма. Од 98 милиони во 2022г, тие се зголемија на 352.000.000 денари. Од овие средства, 120 милиони се од надоместокот за употреба на биоразградливи кеси, а другите се од надоместокот при регистрација на возила. Овие средства ќе бидат наменети пред се за поддршка на општините за изработка на проектна документација и реализација на капитални инфраструктурни проекти за водоснабдување, одведување и пречистување на отпадни води, како и воспоставување на системите за регионално управување со отпадот и поддршка на примарната селекција на домаќинствата, истакна Нуредини.

Министерот потенцираше дека сите сме свесни оти средствата од основниот буџет се ограничени, нагласувајќи дека напорно работеле во изнаоѓање на дополнителни извори за финансирање и дека реализацијата на најголемите капитални инфраструктурни проекти, што бараат и големи финсиски средства што не можат да ги обезбедат од централниот буџет, ги обезбедиле преку донаторски средства и преку кредитни линии.

– За пречистителната станица во Град Скопје обезбедени се 136 милиони евра заем од Европската Инвестициона Банка, а се очекува добивање грант од WBID во вредност од 70 милиони евра, за кои треба да се одлучи дали истите да се користат за намалување на заемот или зголемување на инвестицијата. Заем од 50 милиони евра од ЕИБ за помош на општините за изградба на водоводни мрежи, одведување и прочистување на отпадни води. На овој начин ќе обезбедиме средства не само за големите градови туку за сите и најмалите општини. Но согласно заемот од ЕИБ, МЖСПП обезбедува од буџетот пет милиони денари за надомест за формирање на проектна единица за шест лица кои ќе бидат ангажирани по договор на дело, посочи Нуредини.

Министерот додаде дека обезбеден е заем од 55 милиони евра од Европска Банка за Обнова и Развој за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, а значајна сума, над 110 милиони евра се обезбедени од европските фондови, односно од ИПА2 програмата.

Тој наведе дека обезбедена е донација во вредност од шест милиони евра преку SECO од Швајцарската Амбасада, како и донација од Владата на Швајцарија за проект за подземни води во вредност од 11 милиони швајцарски франци.

– Животната средина бара интерсекторка соработка, а Министерството за животна средина и јас како министер цврсто да стоиме на позициите дека животната средина треба да биде приоритет во сите интерсекторски политики и да биде дел од финансиските планови на сите институции бидејќи без здрава животна средина нема ни здрава нација, заклучи Нуредини.