Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на сите пратенички групи, вклучувајќи ја и опозициската ВМРО-ДПМНЕ до пратениците доставија измени и дополнувања на Законот за Собранието, по скратена постапка. Ова законско решение всушност е првиот чекор кон целосно осамостојување и независност на Собранието, како во однос на собраниската служба, Буџетот, а потоа и внатрешното обезбедување. Измените и дополнувањата на Законот за Собранието се однесуваат на собраниската администрација.

Претседателот на Собранието Џафери во изјава за медиумите ги објасни измените. Ќе има нова систематизација и нови служби.

-Како приоритетно имајќи предвид спецификите на работа на Собранието донесовме одлука да биде осамостојувањето на Собранието по однос на собраниската служба. Собранието не може да ги пополнува и да ги дополни своите потреби по однос на движењето на кадрите внатре без соодветно совластие од Министерство за финансии и МИОА и во тој контекст Предлог – законот е Собранието понатаму да нема потреба да бара согласност од финансии и од МИОА, туку со внатрешна организација и со внатрешно балансирање на односите во самото раководство во Собранието се создаваат инструменти за да се обезбеди во рамки на усогласен буџет на Собранието за тековна година да се реализира самостојниот тој буџет со воспоставените инструменти на контрола, рече Џафери.

Со Законот се остава можност за ангажирање советници во Кабинетот на претседателот на Собранието, за што и досега имаше можност. Сепак, Џафери вели дека тој не чуствувал потреба да ангажира посебни советници.

-Што значи априори предвидувањето советници во соодветните кабинети не значи дека ќе има потреба да се ангажираат. Се остава можност како што впрочем е и можноста да се сите други институции во државните органи, рече тој.

Собраниските службеници кои остануваат долго на работа, некогаш и во текот на ноќта, сега ќе имаат можност за паричен надомест, односно Законот предвидува можност работниците кои ќе бидат ангажирани за специфични потреби да земат до 30 отсто надоместок од основната плата.

Ова се само дел од измените и дополнувањата на Законот за Собранието, кои се очекува да бидат донесени од овој собраниски состав до 12 февруари, кога треба да се самораспушти Парламентот.