На прес конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски за наводни трошења во МЗШВ, поранешниот министер и пратеник од СДСМ Љупчо Николовски со остра реакција на како што вели манипулациите од ВМРО-ДПМНЕ.
“Наместо да се однесуваат како власт и ги решаваат проблемите на земјоделците кои секојдневно се напластуваат, ВМРО- ДПМНЕ повторно манипулира. Трошоците кои се објавени се однесуваат стриктно на посети од странски делегации кадешто ние сме ја имале честа да бидеме домаќини, меѓу нив беа министри од регионот, Министер за земјоделство на Германија, високи дипломатски претставници од САД и Европа, кои се вистински пријатели на нашата држава а кои гледаме како ВМРО-ДПМНЕ полека но сигурно од сите прави непријатели. Сите трошоци се целосно во согласност со одлуката на Владата која јас како Вицепремиер ја предложив од 2021 година која ја регулира и ограничува употребата на средства за угостителски услуги.
Како Министер за земјоделство никогаш немам трошено средства од службената картичка а воедно и преземавме голем број мерки како механизам за подигање на транспарентноста и интегритетот на институцијата. Овие мерки вклучуваат:
– Упатство за употреба, одржување и управување со службени возила на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
– Правилници за користење на службени возила и мобилни телефони
– Упатства за службени патувања и угостителски услуги
– Внатрешни акти за јавни набавки
– Онлајн платформа за пријавување на неправилности
-Правила за подароци и судир на интереси
Додека јас бев Министер, МЗШВ е прогласена за најтранспарентна институција и институција со највисок степен на интегритет.” стои во реакцијата од Николовски.