На 25 април оваа година, МВР до ОЈО Велес поднела кривична пријава против 44-годишна жителка на Велес поради, како што тогаш соопштиле, постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

– Кривичната пријава била поднесена за прекршување на член 380 од Кривичниот законик. Еден ден подоцна, на 26 ти април за оваа кривична пријава се пофалил на неговиот Фејсбук профил и министерот Панче Тошковски со објава во којашто изнесува детали за пријавата. Пријавената прибавила меѓународно признаен сертификат (TOEFL IBT) за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р. Бугарија. Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.

Ова е објавата на Тошковски од 26 април. Прашањето е каде е сега Панче Тошковски и МВР? Зошто молчат и не преземаат ништо за директорот на АНБ, Бојан Христовски? Каде им е Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал? Бојан Христовски исто така приложил сертификат за TOEFL од истото место, Пловдив Бугарија, а во Пловдив воопшто нема испитен центар за TOEFL. И македонски и бугарски медиуми го потврдија ова.

Значи Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик туку се користел со фалсификуван документ. Тоа претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност. Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се заштитени мечки и одговорност мора да има. Бараме Тошковски по овој пример од Велес да поднесе кривична пријава против Бојан Христовски за кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 од Кривичниот законик. Доколку тоа не го направат Тошковски и МВР, СДСМ ќе поднесе Кривична пријава против Христовски. Очекуваме и Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности, да спроведе транспарентна истрага која точно и непристрасно ќе утврди одговорност за скандалот. Ова е еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја и мора целосно да биде расчистен – рече Кузеска.