– После 17-ти октомври ќе дојдат луѓе со план и визија кои знаат да донесат промени, да изработат проекти, да
победуваат и создаваат нова иднина, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниов митинг во Куманово, на кој се презентираше програмата, кандидатот за градоначалник Тони Михајловски и кандидатите за советници. Тој ги повика кумановци да изберат број седум, бидејќи, според него овие избори се можност за промени, за подобро утре.

Мицкоски пред кумановци кажа дека на ниво на државата нудат повеќе од 14.835 проекти за потреби на граѓаните, 2.000 ново асфалтирани улици, 150 градинки, 100 училишта, инвестиции во животната средина, гасификација, 150 паркови, 60 објекти од културата, 90 спортски сали.

– Тоа е она што втерува страв во коски на нашите политички противници. Имаме јасен концепт, кој математички го нарековме „Три П“, победи, проекти и промени-рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, во Куманово.

Тој повика кумановци да изберат број седум, за како што нагласи да не се полнат странските фабрики по Западна Европа, Канада, Америка со наши деца.

-И што овие луѓе направија изминатите 30 години за вашето Куманово, за нашата Македонија? И дали тоа што го направија е доволно за да ние на 17-ти октомври излеземе и го дадеме гласот за нив или пак излеземе на 17-ти октомври и гласаме за човекот којшто денеска наброја онолку проекти колку што тие во 70 години половина немаат реализирано, праша Мицкоски.

Во Куманово, како што рече, време е да си замине власта, Зоран Заев и неговите градоначалници. Во Куманово, пак додаде има двајца кандидати на Заев. Тој изрази убедување дека кумановци ќе го изберат Михајловски, бидејќи се решени за промена, за проекти и дека е време е да се создаде нова подобра иднина за Куманово.

– Многумина деновиве ми го поставуваат прашањето што е за тебе Христијан победа. Ќе се обидам во неколку реченици да кажам што е за мене победа. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи, победа е кога грешиме, ќе се извиниме, ќе се коригираме, и ќе продолжиме понатаму.

Победа е да се почитуваме и тогаш кога сме различни, победа е да создадеме вредности, принципи, да има одговорност кога треба-рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Куманово го обвини политичкиот противник дека за 52 месеци потрошиле како што потенцираше, 16 милијарди евра и дека секое семејство го задолжиле за 4.500 евра.

– Владата на СДСМ, од 1 јуни 2017 година заклучно со 30 септември 2021 година, точно 52 месеци потроши народни пари 16 милијарди евра, тоа се пари на народот, тоа се пари на граѓаните тешко спечалени пари. Но, што направија со тие 16 милијарди. Дали некој се сеќава дека ветија нови 500 километри автопат, а не можат после 52 месеци да го завршат ни тој кој претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ го започна, рече Мицкоски.

Тој кажа дека ги нема ни ветените 600 километри магистрални патишта,што се забележува насекаде во државата. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ ја обвини власта дека ги нема ниту ветените инвестиции, ниту економски раст од пет до седум проценти.

Мицкоски посочи дека победа исто така е кога треба да се создава, да се работи, и да се оди напред. Победа е кога се има исти цели, а целта е Македонија да влезе во ЕУ, децата да го живеат европскиот сон и да имаат квалитетно образование, нагласувајќи дека имаат конкретни рокови.

Тој ги повика кумановци без разлика на етничката припадност и посебно граѓаните од албанска етничка заедница од Куманово да не веруваат на „тројански проекти“ да излезат и да поддржат нова, заедничка иднина.

– Иднина на проекти, победи, промени, затоа што ова е нашата заедничка Македонија. Ќе ве потсетам дека бројот 7 ќе биде број позади којшто ќе има најголем број поддржувачи ширум Македонија. Ве повикувам кумановци придружете се на победата и заокружете број 7, рече Мицкоски.

Претходно, пред кумановци се обрати и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, кој меѓу другото рече дека за него приоритет ќе биде Куманово да биде чист град, да има бесплатен приклучок на гас за домаќинстава и бизнисите.