Време е за нова политичка култура во која нападите еден кон друг ќе ги замениме со конструктивност, дебата и соработка за добро на државата и сите граѓани, порача до собраниската говорница пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски.
– После еден месец внимателно слушање на сите дискусии, вчера зборував за тоа дека мора да изградиме заедно нова политичка култура, да поставиме нови поинакви стандарди во однесувањето од тоа што го видовме од мнозинството кое сеуште се однесува како опозиција. На граѓаните им е доста од дневна политика, манипулации, лични дискредитирања, напишани реплики и непродуктиви дебати во парламентот. Мора да зборуваме со факти и аргументи и да предлагаме нови и напредни политики. Големата промена на Владата кон договорот од Преспа и членството во НАТО каде на самитот овој месец бројната владина делегација беше како резултат на храбрите политики на СДСМ и коалицијата е добра. Без оглед што нивните гласачи очекуваат враќање на името и поништување на договорите, сметам дека е ова добро за градењето сигурна иднина, потенцираше Николовски.

Додаде дека иако со над 58 мандати ВМРО ДПМНЕ предложи Албанец за спикер, сега немаше сценарио за федерализации, упад и обид за убивање на пратеници и новинари.

– Ова, без оглед дали е уште едно изневерување на нивните гласачи, е добро за демократијата.
Уште повеќе, силен поддржувач сум на работењето за што побрзо остварување на стратешката цел за членство во ЕУ, системските реформи преку преговорите и целосниот пристап до фондовите. Само така ќе го средиме системот и намалиме заминувањето на младите затоа што друга алтернатива нема. Ако продолжат преговорите за ЕУ само во руралниот развој наместо сегашните 97 милиони евра, согласно формулите, ќе имаме на располагање над 1.1 милијарда евра за модернизација на македонското земјоделство. Нешто на што работевме макотрпно и сме многу напред во овој процес.
Затоа мојата работа како пратеник ќе биде кон заокружување на стратешките цели и евроинтеграциите, подобрување на животниот стандард на граѓаните, инвестиции во производството на храна и задржување на младите, дециден е ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.