Почитувани мои сограѓани,
На неколку часа пред Новата Година, кога сите сме со нашите најблиски, ви посакувам подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина.
Некои наши сограѓани вечерва ќе бидат на работните места, во болниците, во Полицијата, во противпожарните служби, во Армијата – ќе се грижат за земјата и за нашата сигурност. На сите нив, да им оддадеме почит и признание.
За припадниците на нашата Армија, и сите наши граѓани, 2020 година ќе биде година за паметење. Северна Македонија и формално ќе стане членка на најмоќниот сојуз – НАТО.
Ништо нема да нѐ запре и силно ќе чукаме и на портите на ЕУ затоа што имаме што да кажеме. Бидете горди на овие постигнувања.
Денес сакам да си ветиме дека во 2020 уште повеќе ќе го разгориме пламенот на заедништвото и солидарноста. Дека ќе ги негуваме и одржуваме љубовта и разбирањето кон другиот. Тоа се толку едноставни, а толку големи чекори. Да продолжиме да бидеме пример за кој сите зборуваат.
Секој човек е важен. Затоа инвестираме во нашите граѓани, во иднината, во децата. Целиот наш народ, без исклучок, е нашето најголемо богатство. Драматично го свртевме социјалниот курс, ја правиме нашата земја социјална и праведна држава. Наша заедничка обврска е да овозможиме сите луѓе да ја добијат шансата што ја заслужуваат, да ги искористат своите вештини.
Постојано да си честитаме што успеавме да ги вратиме слободата и демократијата. Да се храбриме бидејќи имаме економија која платите ги влече напред, како никогаш до сега. Бидејќи економијата од минус ни отиде во плус. Но, да биде јасно, пред нас е обврската за целосно воспоставување на правна држава. Нема отстапки, нема шминки и брзи поправки, туку темелна реформа.
Јас ќе направам сѐ за да го оствариме тоа. Останете посветени на правдата, вашата поддршка е суштинска за да успееме.
Народе мој,
Посакувам да сме сите живи и здрави и со најголема радост да ги дочекаме сите новородени во 2020 година, со решеност дека ќе обезбедиме топол и безбеден дом за секое дете, за секој човек.
Во новата 2020 година, посакувам секој од нас да го направи најдоброто за нашата земја. Покрај обврските на државата, придонесот на граѓаните е многу важен за македонската иднина. Затоа, секој нека покаже како се сака сопствената земја. Ништо не е поважно од тоа.
Ви посакувам од длабочината на моето срце, среќна, успешна и незаборавна нова 2020 година.