Поранешните премиери на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во нивната заедничка колумна на сајтот „Еуроактив“ велат дека Преспанскиот договор ѝ даде нов моментум на европската перспектива на Западен Балкан, ја обнови улогата на ЕУ во регионот и ја нагласи важноста на трансатлантската соработка во промовирањето на мирот и стабилноста. Шест години подоцна, додаваат тие, моментумот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е загрозен и губи на сила, додека пристапниот процес на Македонија прво беше блокиран од Франција, а сега од Бугарија.

„ЕУ и меѓународната заедница мора јасно да стават до знаење дека почитувањето на договорот е единствениот пат за понатамошна демократска интеграција, до европскиот пристап и претпристапната поддршка“, напишаа тие, предупредувајќи дека секое прекршување на договорот ќе доведе до „ егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на Северна Македонија, туку и за нејзината иднина во целина.

Според нив, ако овој услов е целосно испочитуван, ЕУ мора да заземе проактивен пристап кон проширувањето, како што е предложено од многумина европски претставници и експерти.

„Мора да им биде јасно на сите земји во регионот дека мирното решавање на разликите има придобивки за луѓето на Балканот и нивното раководство. Тие жртви се наградени, а не цинично занемарени“, потенцираат тие во колумната.

„Додека екстремната десница добива сила, демократските, умерените и прогресивните лидери мора да соработуваат и да ги удвојат своите напори да се спротивстават на национализмот и националното повлекување. Самото нагласување на придобивките од европското единство не е доволно. Единствениот начин да се застане цврсто на европските вредности во денешниот свет е да се биде проактивен во донесувањето одлуки, за кои сите знаеме дека се неопходни, и покрај нивната политичка цена“, додаваат Заев и Ципрас.

Според написите во грчките медиуми, кои се осврнуваат на колумната, Договорот од Преспа, потпишан во јуни 2018 година, го реши 25-годишниот спор за името меѓу Грција и Северна Македонија.