Опозициската СДСМ и денеска остро ги критикуваше одлуките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потврдувајќи дека се работи за „најлажаната“ влада во историјата на Македонија. Според соопштението на партијата, јавниот буџет се трошел за приватни авиони, бизнис класи и егзотични овошја, додека граѓаните живеат во сиромаштија.

„Неверојатно е со каква леснотија се трошат народните пари, додека нема пари за повисоки плати за граѓаните. Граѓаните мора да се задоволуваат со мизерни плати, додека владините функционери уживаат во тропски рај со папаја, манго, аспарагус, авокадо и ананас, кои се на менито за одредени државни службеници“, се вели во соопштението.

СДСМ изразува сериозна загриженост за состојбата на работниците, бидејќи синдикалната кошничка во јануари 2025 година порасна за 6.089 денари, а цените на храната се зголемиле за повеќе од 10%.

„Нема пари за работниците, нема пари за повисоки плати, но затоа за тропски овошја и луксузни деликатеси – има!“, велат од опозицијата.

Премиерот, кој во минатото тврдеше дека не пробал грозје, сега се наоѓа во ситуација каде што, како што вели СДСМ, „од државниот буџет се издвојуваат милиони за овошје што народот не може ни да го помириса“. Со оглед на ова, СДСМ го предупредува премиерот да се грижи повеќе за работничките права и благосостојба на граѓаните, отколку за своите гурмански апетити.

„Граѓаните се борат за основни потреби, а Владата се грижи само за себе. Понижувањето на секој чесен работник е неприфатливо, а ова е една од причините зошто граѓаните нема да им го простат ваквото трошење на јавни пари“, велат од СДСМ.