Енергетски картел при јавни набавки е нов скандал со фирми кои се поврзуваат со Сања Божиновска, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција.

„Деталите ги објави еден релевантен медиум во земјава и покажуваат дека фирмите во кои била дел и Божиновска имале пријави од македонските институции за незаконско работење и малеврзации. Во 2014 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за заштита на конкуренцијата повела постапка за забранет договор – картел при јавни набавки и донела решение за казни. Фирми кои дел се поврзуваат и со Божиновска, формирале енергетски картел. Со намера да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во 2012 година и да профитираат. И внимавајте, не се случило тоа еднаш, 11 пати биле прекршувањата, 11 пати! Па дали е ова нормално, секако дека не е“, рече Кузеска.

Додаде дека за дел од овие фирми кои склучиле картел и Царинската управа открила затајување данок во износ од 1,8 милиони евра. Според неа, шемата е како во мафијашки филм со картели. Само наместо фавели има бел дворец.