Епизода 1: Отиде во теретана кога сите седеа дома, ама не вежбал, само земал опрема?!
Епизода 2: Отиде на Водно кога сите седеа дома, ама тоа е одраз на немирниот дух на еден “пропаднат спортист”?!
Епизода 3: Пак отиде во теретана да вежба кога сите седеа дома, ургирал кај контакти во МВР за снимки кои наводно се стари и на крај замислете сè се должело само на “отсјај”?!
Епизода 4: Од теретана право во кафана!
После четвртава епизода во која главниот лик седел во затворен дел од кафеана во “Дебар Маало”, додека пазарните инспектори повеќе од 2 часа биле попречувани да ја вршат работата затоа што тој спротивно на сите протоколи уживал во магијата на боемскиот живот, неизбежно се наметнуваат неколку прашања:
- Има ли крај оваа трагикомична теленовела со лидеров кој гради успешна актерска, а неуспешна политичка кариера?
- Како може незаштитен и неупатен да оди во кафана, а на избори не може да оди заштитен?
- Помислил ли како се чувствуваат неговите соработници и партиски колеги кои му стојат како параван на прес-конференциите секојпат кога ќе слушнат за некој негов нов испад и инфантилно однесување?
- Каков пример во услови на пандемија им дава на граѓаните првиот човек на најголемата опозициска партија, претендент за мандатар?
- Кое ниво на разгаленост и вообразеност е тоа човек да не може да се воздржи од теретана и кафана, додека некои други професии веќе три месеца немале слободен ден за да си го видат семејството?
- Дали како одговорен лидер наместо кампања за придржување до мерките води кампања “Дружете се, уживајте, после ќе бришеме снимки и ќе ургираме?!”
- Дали еден претендент за премиер смее во услови на пандемија да изјави дека протоколите биле нови и не му биле доволно познати, дали неговото наводно незнаење го амнестира од одговорност за последиците кои може да ги предизвика со своето незрело однесување?
- Со кое право некој кој не ги познава елементарните правила за однесување во време на пандемија излегува на прес-конференција да ја критикува работата на експертите во Комисијата за заразни болести и министерот за здравство?
- Дали барем добро си поминал во кафана вчера кога имаме една од најцрните бројки од почетокот на епидемијата, бидејќи е познат како некој на кого здравјето на граѓаните му е на прво место?
- Ќе се повлече ли за да отстапи место на некој кој има капацитет да ги апсолвира сите протоколи и мерки бидејќи ваквиот потценувачки однос кон интелигенцијата на граѓаните ја влече целата партија кон дното?
Наместо спасител кој требаше да го дистанцира ВМРО-ДПМНЕ од груевистичкиот режим и да ги санира направените штети по имиџот на партијата, се чини дека партијата доби некадарен лидер кој со својата изразена ароганција и желба за висока функција ја води партијата кон точка од која тешко ќе има враќање назад?!