По првиот круг од претседателските избори, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова има двојно водство пред Стево Пендаровски со кого ќе се натпреварува во вториот круг.
Разликата е некаде околу 180.000 гласови по првиот турнус на гласање, но во вториот круг сепак се почнува од резултат 0:0.
Колку Пендаровски и СДСМ можат да се надеваат дека разликата ќе биде стопена во овие десеттина денови до гласањето во вториот круг.
Македонија сведочи на сериозен пресврт меѓу двата круга претседателски избори кој се има случено пред 25 години, односно во 1999 година.
Тогаш кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски иако заостануваше повеќе од 120.000 гласови зад кандидатот на СДСМ, Тито Петковски на крајот успеа да победи со близу 70.000 гласа предност, што значи дека меѓу двата круга Трајковски направил нешто над 190.000 гласови разлика.
Има ли сличност со сегашните избори?
Таков историски пресврт како оној во 1999 година се случува еднаш во 100 години, но и тогаш тој пресврт не бил ниту малку случаен.
Во 1999 година во вториот круг Трајковски победува со огромна поддршка од албанската етничка заедница (во некои гласачки места и со 100% поддршка и со голем број на сомнежи за изборни нерегуларности)
Второ, поддршката од Албанците кон Трајковски доаѓа по договорот меѓу тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДПА на Арбен Џафери, но и на една несмасна изјава на Тито Петковски дека ако зависел од албанските гласови не му била потребна функцијата претседател.
Сепак, од тогаш па до денес околоностите се сериозни изменети, владејачката партија во моментов СДСМ е далеку од формата на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а во Македонија одамна веќе нема услови за масовно полнење кутии како што тоа било во 1999 година.
Но, никој не може да му ја одземе надежта на Пендаровски, заедно со својот тим да се обиде разликата меѓу него и неговата противкандидатка да ја намали колку што може.
Јасно е дека контигнетот гласови што другите кандидати ги имаат освоено, не можат да се префрлат по „евровизиски“ принцип кон кој било канидат во вториот круг.
На Пендаровски како искусен човек во политиката тоа му е наполно јасно, па и самиот кажа дека ниту очекува ниту ќе се обидува да издејствува групно префрлање на нечии гласови во вториот круг.
Останува на умешноста на Пендаровски во овие десеттина денови да мобилизира дел од левичарско-центристичкиот политички спектар и да се надеваме на чудо.
Тоа, сепак на Пендаровски никој не може и не смее да му го одземе.
Извор: 24Инфо