Системот со здравствен сертификат, што е на сила со недели во Австрија и Данска, и неколку дена во Франција и Италија, им дава пристап до некои јавни места само на вакцинираните лица, оние кои прележале ковид и луѓе со негативен тест за ковид. И тој сертификат се користи се повеќе.

Пионери се Данска, Унгарија и Австрија

Во пролетта, Унгарија, Австрија и Данска станаа меѓу првите европски земји што воведоа системи со употреба на ковид-пасош. Во Данска, се уште е задолжително при посета на разни места, како што се фризерски салони и спортски сали. Унгарија, која спроведе брза кампања за вакцинација против коронавирусот со руски и кинески вакцини, започна да издава сертификати за вакцинација во март. Од мај, тие се користат за отворање хотели, театри, кина и ресторани во затворени простории. Овие ограничувања потоа беа укинати, но сертификатите сe уште се бараат во здравствените установи и на собирите со повеќе од 500 учесници.

Во Австрија, по свеченото отворање кон средината на мај, треба да поднесете негативен тест, потврда за антитела или доказ за вакцинација за да имате пристап до хотели, ресторани, спортски сали, музеи, концерти, фризери и спортски настани. Ова правило продолжува да важи.

Европски сертификат за патување

Европскиот здравствен пасош, што содржи QR -код за да се потврди дека носителот е вакциниран или неодамна имал негативен тест за ковид, стапи на сила во ЕУ на 1 јули.

Тоа им овозможува на патниците да ги преминат границите на 33 европски земји: 27 земји -членки на ЕУ и уште шест (Андора, Исланд, Лихтенштајн, Монако, Норвешка и Швајцарија). Сепак, правилата варираат во зависност од дестинациите и земјите на потекло.

Ограничена употреба во Португалија и Ирска

Во Португалија, потребен е здравствен сертификат при престој во хотел и за групна обука во спортски сали. Исто така е потребен за пристап до ресторани во затворен простор, но само за време на викендите.

Во Ирска, здравствен сертификат е потребен само во затворени простории во ресторани и пабови.

Широко се користи во Франција и Италија

Во Франција, на 21 јули, презентацијата на здравствениот сертификат стана задолжителна при влегување во културни локации и места за забава (музеи, кина, тематски паркови, фестивали, саеми), во кои има повеќе од 50 луѓе.

Негова презентација ќе ја бараат (за лица над 18 години) во кафулиња, ресторани, авиони, возови, патнички возила на долги релации, саеми и професионални салони. Сертификатот станува задолжителен и за посетителите и за не-итните пациенти во здравствените установи и домовите за стари лица.

На 6 август, Италија воведе обврска да се презентира здравствен сертификат при влегување во кина, музеи, спортски сали и ресторани во затворени простории.

Овој „зелен картон“ од 1 септември ќе биде задолжителен и за домашните патници, на возови и траекти за долги релации, како и за наставниците и вработените во образовните институции и универзитетите, како и за студентите.

Мерки на регионално ниво во Шпанија и Германија

Во Германија и Шпанија, овој вид мерка зависи од регионалните власти.

Автономната заедница Галиција, во северна Шпанија, воведе обврска да се презентира ковид-пасош за влез во затворени простории на барови, ресторани и дискотеки во најпогодените области. Слични мерки беа блокирани од судството во Канарските Острови и Андалузија.

Во Германија, во зависност од провинцијата во која се наоѓате, можеби ќе треба да покажете сертификат за вакцинација или негативен тест за Ковид за да можете да влезете во хотели, спортски сали и кина.

Делумно обновено во Израел

Поради зголемувањето на инфекциите со коронавирус, Израел врати здравствен сертификат претходно овој месец: само целосно вакцинирани, прележан Ковид-19 или со негативен PCR тест може да присуствуваат на место каде што се присутни повеќе од сто луѓе, без разлика дали е внатрешен или надворешен простор.

Наскоро во Њујорк и Квебек

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, на 3 август објави дека од вработените и клиентите на затворени ресторани, спортски сали и културни настани ќе се бара да обезбедат доказ за вакцинација. Мерката ќе стапи на сила на 16 август.

Премиерот на Квебек, Франсоа Лего, на 5 август објави дека наскоро ќе биде воведен пасош за вакцинација во канадската провинција. Овој документ ќе даде пристап до „несуштински активности“ како што е „одење во ресторан“.