Министерот за здравство, Венко Филипче, на една од неодамнешните свои прес-конференции ги извести граѓаните дека се работи на идејата за јавно објавување – со име и презиме, на сите свесни прекршители на анти-корона мерките во државава бидејќи веќе не гледа друг начин како да се допре до свеста на оваа специфична категорија граѓани. Тоа се луѓе кои свесно и со намера одбиваат да ги почитуваат мерките кои важат за сите и претставуваат ризик за околината, па со објавувањето на нивните податоци ќе им се остави простор на оние совесните граѓани на кои им е мил животот самите да направат дистанца од изворот на опасност. Без конкуренција, првото место на оваа листа треба да му се додели на лидерот на опозицијата  Мицкоски, а по него да се остават 5 празни места. Очигледно дека не постои друг начин да се допре до професорскиот мозок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Која е разликата помеѓу оние кои прават свадби, родендени и мекици, кои позитивни на ковид-19 се шетаат надвор од изолација, кријат контакти, одбиваат да соработуваат, се лекуваат дома, па умираат по ходници и велат дека вирусот не постои во споредба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој ин флагранти, секојдневно ги прекршува мерките за заштита од коронавирусот? Мицкоски во суштина по своето однесување воопшто не се разликува од оние кои велат дека вирусот е измислен?!

И доколку Мицкоски не верува во вирусот, па со огромна доза на ноншалантност се однесува во секојдневието, дали не се чувствуваат загрозени сите негови контакти, колеги, сопартијци, граѓани, членови на семејството бидејќи непочитувајќи ги мерките тој освен што се става себеси во ризик, ги изложува на ризик и сите свои соработници. Сериозноста кај моделот на однесување на Мицкоски добива уште поголеми размери ако се земе предвид фактот дека станува збор за лидер на голема политичка партија, со голем број на следбеници и поддржувачи, па така неговата влијателност во комбинација со арогантниот и инфантилен модел на однесување никако не одат во корист на стивнувањето на епидемијата, напротив ја разгоруваат.

Зошто цела држава плука по несовесните граѓани, а мижи пред претендентот за иден премиер на државата?! Вака ли ги жали лекарите кои 4 месеци не излегле од ѕидовите на болниците под полна “воена” опрема или тој на некој магичен начин е имунизиран од коронавирусот?!

Она што секој нормален граѓанин во државава, кој е загрижен за себе и за своето семејство, ќе се запраша е која е квотата на прекршувања што се обидува да ја достигне еден полнолетен, здраворазумен, универзитетски професор:

  1. вежба во теретана
  2. планинари на Водно
  3. пак вежба во теретана
  4. се групира партиски кај црквата во Смилковско
  5. безброј пати е фатен како допира нос и уста со раце
  6. повторно се слика во теретана иако теретаните сè уште не започнале со работа
  7. седи во затворен дел на кафана
  8. сè уште не ставил маска онака како треба, според пропис
  9. се гушка со граѓани
  10. се ракува со дете, замислете со дете, и тоа без ракавици?!

Дали оваа заокружена десетка ќе биде доволна да влијае на свеста на оној кој треба да биде пример за останатите и конечно да се смири или ќе продолжи со својата неодговорност сè додека не го убеди и последниот жив Македонец  дека Христијан Мицкоски корона не го фаќа?!