Опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако е започната корона-кризата секојдневно излегува на прес-конференции и ги истура своите критики и незадоволство кон претходната политичка влада, но и кон техничката влада, кон менаџирањето на здравствената криза, кон донесените економски мерки, практично кон сите сегменти на општественото живеење. Па водени од незадоволството, бараа предвремени избори и ги добија. Што се случи во меѓувреме, па ВМРО-ДПМНЕ не сака во моментов ни да размислува на можност за избори, ако светски здравствени авторитети велат дека пандемијата со коронавирусот во моментов ја губи својата сила, а веќе од септември е можен нов пик. Ако веќе тврдат дека државата тоне, а тие имаат подобро решение за сè, тогаш зошто не ги спасат граѓаните од “агонијата”, кога веќе се сигурни дека кога и да има избори сигурно победуваат? Нели е малку нефер да ти се дава шанса да одиш на избори, да дојдеш на власт и да го спасиш светот, ама решаваш да им ја продолжиш “несреќата” на граѓаните, оние за кои најмногу се грижиш и чие здравје ти е најбитно на светот?! Секоја здрава опозиција ќе го зграпчи моментот што и се нуди за да стане позиција, само нашата опозиција ужива во убавините на лагодниот опозициски живот?!

Да ги ставиме на 5 минути очилата на опозиционерите па да видиме какви адути тврдат дека имаат, ама не одат на избори:

  1. Кога започна корона-кризата му порачаа на министерот за здравство дека му завршил “медениот месец”, задоцнил со мерките, нè чека катастрофа. Во најава е втор пик кон крајот на летото, еве им шанса да преземат власт, па да спроведат подобри мерки и да ги спасат македонците од корона. Можеби ќе патентираат и вакцина, па ќе не спасат сите?!
  2. Прво тврдеа дека економските мерки се задоцнети, неквалитетни, недоволни. Последно што тврдат е дека мерките биле поткуп. Зошто не одите што побрзо на избори дури не се почувствувале ефектите од мерките? Зошто чекате септември кога мерките ќе дадат ефект? Зошто не преземете власт, па не донесете подобри мерки?
  3. Сите анкети им велеле дека водат, а моментално имале дури и двоцифрена разлика во однос на СДСМ во бројот на пратеници. Па постои ли друга таква партија во светот која со предност од двоцифрена разлика во број на пратеници не сака на избори? Веројатно нема!
  4. Вчера од висок партиски функционер и потпретседател на партијата слушнавме обвинување дека наводно биле неовластено следени кога одат во теретани да вежбаат и на Водно да се рекреираат и тоа замислете кога на сила има рестриктивни мерки. Па како можат да живеат со такви “сознанија” и да не се обидат да дојдат на власт за да ги спречат?! Па нели министерот за внатрешни работи е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто не пријавиле? Или се работи само за произволни и паушални изјави со кои сакаат да се претстават како жртви, и тоа верувале или не, на прислушување?! Неверојатно!
  5. Зошто ако се толку сигурни во победа не одат на избори земајќи го предвид фактот дека само за една година претходната власт ја внесе државата во НАТО и го трасираше патот кон ЕУ, а до крајот на годината се очекува и официјален датум за преговори, прашања што беа жежок костен во рацете на сите претходни лидери?!

Нема друго објаснување освен дека лагодниот опозициски живот на ВМРО-ДПМНЕ и не толку лош!