Тој што го презира Блаже Конески и што преспивал на софискиот таван на ВМРО на Красимир Каракачанов, нема што да бара расправа за македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Собранието. Самото ставање на дневен ред на овие прашања во Собранието, претставува дрско и директно негирање на македонскиот идентитет.
По којзнае кој пат во неговата долга политичка кариера, Антонио Милошоски, инаку обвинет во предмети на СЈО, си поигрува со идентитетските прашања и тоа секогаш на штета на македонските интереси и македонскиот народ и стигнува до позицијата да ги штити интересите на Каракачанов. Личниот идентитет на Антонио Милошоски е негова лична работа, па дури и неговото гордо позирање со бугарско знаме во минатото. Но, ова се теми поголеми од неговите лични афинитети и ориентации. Ова е обид да се отвори расправа за нешта за кои не би требало ни да се помисли да се разговара. Но, Милошоски сигурно има најдено свој интерес и се обидува да наметне тема во јавноста лично промовирајќи се во патриот.
Уредникот на новинарската агенција Фокус од Софија, Красимир Узунов, во изјава за тамошните новинари потврдува дека Милошоски го одгледувал лично Каракачанов додека студирал во Бугарија. Живеел на таванот во ВМРО, а често го посетувал гробот на Тодор Александров. Затоа овој новинар ги упатува колегите во Софија да го прашаат лично Каракачанов како го има пораснато Милошоски. Од овие причини, смета Узунов, македонскиот пратеник нема право да изусти збор за Договорот со Бугарија, не пак да го прогласува за штетен и да повикува на некаква расправа.
Ваквите информации ги потврдуваат и фотографии на кои Милошоски гордо позира пред знамето на Бугарија. Потоа, тој редовно се слика со приврзаници на Каракачанов. На една од објавените фотографии е Милошоски со Љупчо Ѓорѓиевски од здружението „Тодор Александров“, кој пак се појавува на фотографии со Каракачанов. Тука е и Иван Михаилов кој го покани Каракачанов на гости во Битола.
После ова е јасно дека Милошоски е важен играч на Каракачанов и неговите испади во парламентот се дел од бугарската игра, а не обид да се заштити македонскиот јазик. И едноставно не може да се верува во барањето собранието да расправа случајно, особено кога е туркано од некој со историјатот и оставштината на Милошоски.
Залутаното раководство на актуелното ВМРО ДПМНЕ којзнае и дали е свесно што прави кога му дозволува на Антонио да им ја наметне ваквата антидржавна идеја. Да имаа во своите редови малку чувство за национален интерес и за политичка одговороност можеби ќе ги промислуваа овие работи и немаше да се стават во функција на политиките кои го негираат македонскиот идентитет и му ја загрозуваат европската иднина.