Во Германската комора се многу задоволни од новата инвестиција на компанијата Гересхајмер, која достигна 126 милиони евра, и која заедно со првичната инвестиција достигнува влог на овој странски инвеститор од близу 200 милиони евра.

На таа тема до медиумите се огласи и новиот директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Герт Рабов.

Минатата недела, како што е познато, беше најавена изградбата на втората фабрика на германската инвестиција Гересхајмер во Северна Македонија. Гересхајмер произведува амбалажи од стакло, специјално стакло и пластика кои имаат примена во фармацевтската, козметичката и прехранбената индустрија.

„Станува збор за инвестиција од над 126 милиони евра и заедно со првичната инвестиција на оваа компанија, инвестицискиот волумен е скоро 200 милиони евра. Ова е рекордна инвестиција од формирањето на Технолошко-индустриските развојни зони во Северна Македонија. Планот на менаџментот е да се отворат повеќе од 180 нови работни места со просечна плата од 1.100 евра, што е значително над националниот просек“, вели Рабов во своето обраќање до македонската инвеститорска јавност.

Натаму, тој нагласува дека Делегацијата на германското стопанство во земјата, која веќе 23 години по ред се грижи за германските инвеститори и тесно соработува со Дирекцијата за Технолошко-индустриските развојни зони, е многу задоволна од фактот што сериозна германска компанија како Гересхајмер е најголемата Гринфилд инвестиција во земјата.

„Со ова се испраќа јасен сигнал дека Северна Македонија е одличен пазар за странските инвеститори, и како што земјата се залага да им понуди добри услови, така инвеститорите се залагаат за подобри услови за своите вработени“, вели Рабов.

Само минатата година во ТИРЗ беа отворени околу 2.300 нови работни места при што се реализираа нови инвестиции со вредност од преку 430 милиони евра.

Извор: Фактор