Поранешната специјална јавна обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“ денеска требаше да сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“. Но, рочиштето беше одложено поради неприсуство на адвокатите на Катица Јанева.
„Јас никогаш не сум се ни приближила до Катица Јанева, од самиот старт се оградувам“. Ова беше првата јавна изјава на обвинителката Лиле Стефанова на само два дена по приведувањето на нејзината шефица во Специјалното обвинителство Катица Јанева во август минатата година. Стефанова како специјална обвинителка која го водеше предметот „Империја“ каде осомничен е бизнисменот Орце Камчев за перење на пари, денеска во судницата e во својство на сведок во предметот „Рекет“ каде што обвинета e поранешната прва специјална обвинителка Јанева за злоупотреба на службена должност со цел олеснување на притворот за Камчев. Испрашувањето во судницата ќе го започне нејзината колешка од обвинителството против организиран криминал Вилма Русковска.
Што се кажа во јавноста Стефанова за „Рекет“?
Стефанова летово пет часа даваше исказ во Обвинителство, а денеска во судницата пред јавноста ќе треба да одговори на клучното прашање, дали Јанева го „изрежирала“ случајот Империја со цел изнуда на пари како што обвини осомничениот бизнисмен Камчев или пак, Камчев нудел поткуп за да се спаси од „Империја “ како што се обидува индиректно да посочи на судските рочишта првообвинетиот Бојан Јовановски.
Претходно, но и во текот на сведочењето на Камчев за предметот Рекет, името на Стефанова во јавноста се спомнуваше како обвинителка која го искористила своето влијание и преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец побарала пари за стоматолошка ординација во зграда изградена од „Адора“ која е во сопственост на Чифлиганец.
„Сам сум слушал како таа (Катица Јанева) давала наредби на Лиле Стефанова кои биле противзаконски. Зошто Лиле Стефанова не ја пријавила Катица Јанева кај Љубомир Јовески и зошто не го почитувала Законот за обвинителство?“, повтори Камчев пред новинарите по неколку часовното сведочење во судницата.
Но, ваквите обвинувањата од Камчев, Стефанова неколкупати ги дематираше. Таа тврдеше дека средба со Чифлиганец имало, но во службените канцеларии и за тоа биле известени нејзините колеги од СЈО.
„Господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име“, се вели во демантот на Стефанова.
Во него се наведува дека Стефанова смета оти Камчев се обидува да ја дискредитира со тоа што ја спомнува во разговорите со првообвинетиот во Рекет Боки 13 кои што сам си ги снимал.
Стефанова во јавноста неколкупати укажа дека не се согласила со одлуката на Јанева да му го преиначи притворот од затворски во домашен како и со дозволата за привремен пасош. Тоа во судницата го потврди и заменичката шефица на СЈО Елизабета Јосифовска.
„Колешката Стефанова знам дека реагираше и се противеше на таквото мислење. Знам дека тогаш се спомнаа три-четири лица меѓу кои Јордан Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков. Се сеќавам дека на друг состанок кај шефицата на СЈО од колегите Стефанова и од Бурим Рустеми побара да направат пресметка обвинетите да ја платат штетата кон државата и со тоа обвинетите во “Империја” да не одат во притвор“ сведочеше обвинителката Јосифовска во судницата.
И Ана Камчева ја спомна во своето сведочење, само во делот кога по извршениот претрес во нивниот дом пристигнале во Кривичниот суд.
„Кога дојдовме во Кривичен суд, она на што се сеќавам беше недоличното однесување на обвинителскаа Стефанова, кога на еден од бранителите Антонио Апостолски во ходникот му кажа: „Ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене, само треба да знаеш кога е кај тебе и да знаеш како да ја искористиш“, сведочеше Камчева во судницата.
Камчев против Стефанова поднел и кривична пријава во Јавното обвинителство.
Целата анализа на Радио Слободна Европа на следниов линк