Состанокот, кој се одржува четири дена пред истекот на втората одлука на Пендаровски за прогласување вонредна состојба, почнува во 13 часот
Со различни позиции околу тоа кога може да се одржат десттите парламентарни избори се очекува да настапат партиските лидери на денешната средба кај претседателот Стево Пендаровски – уште една од низата посветена на предвременото изборно соочување, кое беше договорено уште во октомври минатата година.

За разлика од тогаш, кога изборите беа договорени поради тоа што Северна Македонија не доби одлука за почеток на преговори со ЕУ, оваа средба се одржува во сосема други околности, така што изборниот термин сега е детерминиран од состојбата со коронавирусот во земјава.

Состанокот, кој се одржува четири дена пред истекот на втората одлука на Пендаровски за прогласување вонредна состојба, почнува во 13 часот. Покана за средбата добија партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијансата за Албанците, Алтернатива, Движењето Беса и на ДПА, а треба да присуствуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Политичките партии досега излегуваа со различни ставови за тоа кога, според нив, треба да се одржат избори.

Владејачкиот СДСМ смета дека треба да се искористи првата можност за избори во следниот месец, што би значело 14 јуни. Сепак, партискиот лидер Зоран Заев остави простор за договор и за друг датум до крајот на јуни.
Коалицискиот партнер во Владата – ДУИ, нема конкретен датум. Вицепремиерот Бујар Османи, вчера на ТВ 24 рече дека тие се подготвени за избори и им одговара да се слушат што е можно побргу, но се ќе се зависи од тоа какви ќе бидат бројките со новозаразени од ковид-19. Едиствено, тој спомена дека за нив нема логика изборите да се одржат во втората половина на јуни или во август.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега не излезе со конкретен датум. Од партијата во изминатиот период излегоа со повеќе услови за тоа кога би можеле да се одржат избори. Партискиот лидер Христијан Мицкоски, коментирајќи ги аргументите на Заев за брзи избори, изјави во неделата дека треба да се има предвид препорака од Венецијанската комисија дека од завршување на вонредна состојба до одржување избори треба да поминат најмалку 60 дена. Според СДСМ, македонскиот Устав единствено предвидува дека не може да се одржуваат избори за времена состојба, така што овие ставови на Мицкоски ги сметаат за обид за понатамошно пролонгирање на изборите.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вчера рече дека тие на лидерската ќе одат со став оти избори треба да има крајот на јули или на почетокот на август.

Мендух Тачи од ДПА, пак, смета дека треба да има избори во јуни.
Извор: 360 степени